Реакција на Општина Прилеп на вчера објавениот прилог на на ТВ Алфа, за изградбата на детската градинка во населбата „Точила“

0
557

Почитувани,

Информациите кои беа изнесени на телевизија Алфа, а со кои се тврди дека до крајот на годината требало да биде изградена новата детска градинка во населбата „Точила“ и дека не е исполнето предизборното ветување на градоначалникот Јованоски, во најмала рака можат да се наречат тенденциозни.

Прилепскиот дописник на Алфа телевизија, требало да знае дека на седницата на Советот на општина Прилеп одржана во ноември 2019 година, беше донесена двегодишна развојна програма за капиталните инвестиции кои треба да се реализираат до крајот на 2021 година. Во неа, покрај другите проекти, предвидена е изградба на нова детска градинка.

Она што јавноста треба да го знае, е дека во сите изјави на градоначалникот Илија Јованоски и претставниците на општинскиот Совет, јасно и децидно е кажано дека изградбата на новата детска градинка е двегодишен проект, кој ќе започне во 2020 година, а ќе заврши во 2021.

Во изминатиот период, покажавме дека и покрај коронакризата, Општина Прилеп продолжува со инвестициите во инфраструктурата. Кризата со Ковид-19, како и секаде во светот, може да ги забави, но не и да ги одложи планираните проекти.

Оттука, во оваа прилика уште еднаш нагласуваме дека согласно планираната динамика на изградба, новата детска градинка во населбата „Точила“ ќе биде готова до крајот на 2021 година.

Новинарската професија налага изнесување на точни и навремени информации за состојбите во заедницата, а во интерес на правилно информирање на граѓаните. Општина Прилеп ги осудува и најенергично ги отфрла изнесените невистини на телевизија Алфа и апелира за проефесионално извршување на новинарската професија, со цел јавноста да не биде доведена во заблуда.