Како што објави Алсат, големиот градежен зафат предвидува објект за домување, базен, фитнес-сала, соба за билјард и разни други погодности
Секретарот на Владата во Побожје поседувал 11 илјади квадратни метри земјоделско земјиште, кое го впишал во анкетниот лист по изборите лани
Луксузна хациенда на Скопска Црна Гора, во викенд-населбата Побожје, ќе гради семејството на Драги Рашковски, поранешниот генерален секретар во Владата, сега секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмите за работа на Владата.
Како што претходно објави Алсат, инвеститори на објектот се две малолетни деца на Рашковски.
Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, тврди дека обвинителката Ивана Трајчева на компјутерски програм си куцала пораки кои ги прикажала како негова комуникација.
– Заборавила да го смени времено, па во една секунда, има 43 пораки. Еве кажете ми, јас проверував на интернет, не постои, Гинисовиот рекорд е дека за 50 секунди може да пишете една порака, а не 43 во една секунда – вели Рашковски.
Според Рашковски, Обвинителството не може да ги дава тие докази, бидејќи незаконски ги прибрале.
– Не може Обвинителството да кажува и импутира дека тоа се пораки, за кои што, и од самиот производител стои дека не може да утврди за каков тип на податок станува збор. Од тоа што јас можам да ви го кажам е дека ќе имаме едно навистина интересно судење кое што би требало, во македонското правосудство, особено во делот на компјутерската форензика, која што и те како слабо е применувана, а правосудството запознаено, да имплицира многу поквалитетен начин за прибирање на дигиталните докази. Бидејќи срамота е лица кои немаат познавања, лиценци, ниту се вештаци, да им се дава да буричкаат, чепкаат по приватни податоци на лица кои им се одземени телефоните. Податоци и факти кои што се апсурдни, не може да бидат докази. 43 пораки во една секунда, на документ кој со форензичка анализа е докажано дека е правен на компјутерот на обвинителката, тоа не е податок извлечен од телефон, таму стои на кој компјутер е правено – рече Рашковски.
Обвинетиот доставил и дваесетина нови докази со кој ќе докажува дека не е виновен. Меѓу нив е и предлогот со кој се бара поранешниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев да сведочи на судењето.
– Доставивме докази дека не може вие да тврдите дека мои средства, уплатени на моја сметка, во 2015 година, потекнуваат од тендери во 2019 година. Срамота е тоа што се прави. Сите знаеме дека во 2015 година јас не сум бил ниту функционер, не може во 2015 г. средства да бидат од кривично дело во 2019 година. Не треба да си правник, едноставно Холивуд да го режира ова, не може да го направи така – додаде Рашковски.
Рашковски беше запрашан за наводната изградба на куќа во Побожје, која новинарите ја нарекуваат хациенда.
– Такво нешто ниту има. Одете на местото, ќе видите, станува збор за купен плац, кој е купен од мои средства, кредит за таа работа и тие средства потекнуваат со обезбедување на средства од моментот кога не сум бил функционер, во 2013 година. Како генерален секретар, не влегов без средства. Ако го споредите имотниот лист во 2017 година и 2021 година ќе видите дека нема разлика, освен во подароците на моите деца, прибрани од прослави. Друг податок, зголемување на имотот не постои. Децата имаат заштеда од родендени – рече Рашковски.
Тој призна дека им ги препишал недвижнините на неговите деца.
– Се друго е мој имот кој што сум го препишал, а сум го имал и пред тоа. Се вулгализира целата работа. Станот, имотот во Струмица, подвижните средства, сум ги имал и пред да станам генерален секретар. Како секој родител што сака неговите деца да имаат нешто, ние сме традиционална земја, едноставно станот кој што сум го имал од 2011 година само сум го префрлил, имотот во Струмица кој сум го имал од 2013 година само сум го префрлил на децата. Новиот имот во Побожје е на кредит – додаде Рашковски.
Обвинетиот беше запрашан да ги искоментира и сомнежите на обвинителството за евентуална злоупотреба на службената положба.
– Станува збор за уплата на кредитни картички. Кога функционер оди на пат, има две опции, да земе аванс од институцијата каде е вработен или пак да троши средства, а кога ќе се врати, тоа да го надополни. Обвинителството ја гледа само страната на уплати. Кога сум патувал, секој пат кога сум одел во хотел или ако сум патувал со кола сум точел гориво во странство, сум плаќал со моја картица. Кога сум се враќал тие средства биле рефундирани. Сите знаат по благајничко работење, дека тие средства се рефундираат во кеш. Кога ќе се вратат, нормално е вие да го покриете минусното салдо. Меѓутоа, Обвинителството тоа не сака да ви го прикаже како факт и вели ставал пари на својата картица. А не ја гледа страната дека тие пари се трошени за оправдани трошоци – кажа Рашковски.