Рашковски за Фокус: Со семејството сум на одмор во Мексико, нема место за сензација

0
466

Со семејството сум на годишен одмор во Мексико, нема место за сензација, вели во изјава за Фокус поранешниот генерален секретар во Владата и советник во Владата, Драги Рашковски.

– Нема место за сензација, на годишен одмор сум во Мексико. Заминавме на 14 -ти и таму ќе бидеме до 31 овој месец. Три години не сум бил на одмор, на сопругата ѝ е роденден. Следам сѐ што се случува, вели Рашковски.

Денеска и вечерва по социјалните мрежи и други портали се шират информации дека Рашковски побегнал во Мексико. На нашето прашање дали побегнал, како што се пишува, Рашковски со одговор: – Зошто би бегал?

Вакви вести се пласираат откако 360 степени објави серија прилози дека Рашковски додека бил генерален секретар во Владата набавил софтвер за сообраќајни прекршоци за камерите од „Безбеден град“ кој никогаш не бил искористен. Софтверот го патентирал самиот Рашковски, а Министерство за внатрешни работи не било информирано за набавката, тврдат дека не им бил потребен таков софтвер и дека немало координација за набавката.

Каде е Рашковски денеска новинарите го прашаа и премиерот Зоран Заев, кој рече дека не знае за секој вработен во Владата каде е и дали можеби некој користи одмор и најави дека ќе провери каде е Рашковски и ќе ја информира јавноста.