Расте бројот на загинати: Пронајдено тело на 12-годишно дете, а се трага по исчезнато 16-месечно девојче

0
478

Расте бројот на загинати лица во големото невреме што во саботата доцна вечерта го погоди Скопје и околината. Вчеравечер, како што информираат од МВР за „Мета“, во населбата Ченто било пронајдено телото на 12-годишно момче, кое настрадало додека со неговиот дедо се движеле со трактор по обиколницата. Од МВР велат дека се трага и по 16-месечно девојче, кое вчера било пријавено за исчезнато.

Детето за исчезнато вчера околу 17 часот го пријавил таткото му. Според пријавата, момчето и неговиот дедо, кои се од селото Стајковци, во саботата околу 22 часот со трактор се движеле по обиколницата, кога на нив наишол голем воден бран, кој го превртел тракторот и го однел детето.

Неговиот дедо, успеал да се спаси, а мртвото тело на момченцето вчера околу 20.40 часот го нашол неговиот татко, во населбата Ченто, во близина на автобуската станица, последна 65-ка.

Вчера, околу 18 часот 18-годишниот Џ.Ф. пријавил дека во саботата вечерта додека со возило се движеле по обиколницата, што го управувал сега загинатиот Фуркан Фејзулаху, на нив наишол воден бран. Во возилото со нив била и 16-месечната ќерка на загинатиот Фејзулаху, на која и се губи секаква трага и надлежните трагаат по неа.

Како што информираат од МВР, по идентификувањето на 12-годишното дете, неговото тело по наредба на јавен обвинител било дадено на семејството за погреб. Обдукцијата на телото, според информациите, не била извршена.

Со последната регистрирана жртва досега бројот на загинати во невремето изнесува 22 лица, а по едно сè уште се трага.