РАМА УТРЕ ВО АТИНА НА СРЕДБА СО АЛБАНСКАТА ДИЈАСПОРА ОТКАКО ДОБИ ОДОБРЕНИЕ ОД ГРЧКИТЕ ВЛАСТИ

0
125

Албанскиот премиер Еди Рама денеска најави дека на 12 мај ќе престојува во Атина, каде ќе се сретне со албанската дијаспора, откако доби одобрение од грчките власти.  Неговата посета на Грција беше доведена во прашање поради тензиите меѓу двете земји по апсењето на градоначалникот на Химара Фреди Белери за наводно купување гласови.

Грчката опозиција се спротивстави на посетата на албанскиот премиер, но Рама доби дозвола од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Мицотакис посочи дека Грција е демократска земја во која странските лидери имаат право да одржуваат средби со своите сонародници, но додаде дека посетата на Рама била „непотребна“, пренесува „Албаниан пост“.

Грчкиот лидер престојот на Рама во земјава го оцени како посета во рамките на средбата со Албанците во Грција, која не е поврзана со апсењето на Белери или со претстојните избори за Европскиот парламент. Многу е изненадувачки да се слушнат изјавите на грчката опозиција и целосно ја разбирам перспективата што ја изрази грчкиот премиер. Контрастот во ставовите за истото прашање објаснува зошто едните се во опозиција, а на другите им е доверено управувањето од народот, напиша Рама на платформата Х.