РАДМИЛА ШЕКЕРИНСКА МОЖЕ ДА ДОБИЕ НАЈВИСОКА ФУНКЦИЈА ВО НАТО, ДА МУ БИДЕ ЗАМЕНИК НА РУТЕ

0
211

Двајца високи поранешни функционери од С. Македонија и Бугарија се меѓу оние кои се натпреваруваат да станат идниот заменик на шефот на НАТО, пишува бриселски „Политико“. Пред да го започне својот нов мандат како шеф на НАТО, Марк Руте веќе минува низ неколку биографии од оние кои сакаат да бидат негова десна рака. Актуелниот заменик, Мирчеа Џоана, кој ја извршуваше функцијата од 2019 година, се очекува да се повлече за да се кандидира на романските претседателски избори во ноември, изјавија претставници на НАТО.

Висок дипломат на НАТО од Западна Европа рече дека постои општ консензус меѓу сојузниците дека источноевропеец треба да биде назначен за заменик на Руте. Дипломатот, како и другите дипломати на НАТО цитирани во оваа приказна, доби анонимност за да го сподели внатрешното чувство. Разговорот во седиштето на НАТО се фокусира на двајца поранешни функционери од С. Македонија и Бугарија, две балкански земји кои некогаш биле под советска контрола до крајот на Студената војна, се вели во текстот на „Политико“. „Можеби функцијата ќе и припадне на жена од Источна Европа“, изјави поранешната портпаролка на НАТО, Оана Лунгеску.

Името на поранешната министерка за одбрана – Радмила Шекеринска е широко распространето, според дипломат на НАТО и висок функционер на НАТО. Доколку биде избрана, таа ќе биде највисокиот функционер на НАТО досега од регионот на Западен Балкан надвор од Европската унија. Земјата влезе во НАТО пред четири години, а Шекеринска имаше клучна улога во нејзиното членство. Шекеринска моментално е потпретседател на Партијата на европските социјалисти ширум Европа. Друг кандидат е поранешниот вицепремиер и поранешен еврокомесар на Бугарија – Марија Габриел, според двајца функционери со директно знаење за нејзините планови.

„Постојат гласини околу поранешната еврокомесарка и бугарска вицепремиерка Марија Габриел“, рече Лунгеску. Габриел не одговори на барањето за коментар. Ниту бугарската ниту македонската делегација во НАТО не ги коментираат можите кандидатури на Шекеринска и Габриел за заменички на Марк Руте. И НАТО одбил да коментира. Политико понатаму пишува дека Бугарија е во центарот на вниманието поради блиските врски на нејзините политички елити со Русија. Во април, премиерот во заминување Николај Денков предупреди во интервју за Политико дека „Русија ќе стори сѐ што е можно за да го врати своето силно влијание во Бугарија“.

Официјална Софија, исто така, склучуваше договори за зајакнување на улогата на Москва како доминантен снабдувач со енергија во југоисточна Европа, и покрај реторичката поддршка на земјата од ЕУ за Украина.Според Транспаренси Интернешнл, Бугарија е рангирана на 67-то место во светот според нејзиниот Индекс за перцепција на корупцијата, а Македонија е рангирана на 76 место, пишува Политико. Медиумот пишува дека додека двете кандидатки од Балканот се сметаат за фаворитки, има и други кои му се претсствени на Руте.Поранешниот латвиски премиер Кришјанис Кариш, кој некогаш ја посакуваше функцијата на Руте, се бори да биде негов заменик, според висок латвиски функционер кој сакаше да остане анонимен.

Според двајца дипломати на НАТО, Полска и Турција – и двете со сериозни воени капацитети – размислуваат да понудат свои кандидати. Сепак, Полска е оптоварена од внатрешните борби меѓу претседателот Анджеј Дуда и премиерот Доналд Туск. Според Лунгеску, важноста на улогата на заменик-генерален секретар е зголемена во текот на последната деценија. Примарната улога на носителот на функцијата е да застане како шеф и да претседава со состаноците на 32-та амбасадори во Северноатлантскиот совет двапати неделно или на кој било итен состанок, вклучувајќи го и Советот НАТО-Украина.

Радмила Шекеринска е родена 1972 година во Скопје. Дипломира на Електротехничкиот факултет при УКИМ во 1995 година, а магистрира на престижната школа за дипломатија и право „Флечер“ во САД во 2007 година. Од 2002 до 2006 година беше вицепремиерка за евроинтеграции во периодот кога земјава аплицираше и го доби статусот на земја кандидат за членство во Европската Унија. Од 2017 до 2022, пак, беше министерка за одбрана (до 2020 г. и вицепремиерка) во периодот кога Северна Македонија стана членка на НАТО.