Радикална политика на нормализација (или културна де-вмровизација)

0
1229

Проектот мора да почне од основното – обнова на ИНСТИТУЦИИТЕ кои се урушени со партизација, значи РЕ-ИНСТИТУЦИОНАЛИЗАЦИЈА на клучните институции на парламентарната демократија и администрацијата. Тоа конкретно во области на пример значи: дека треба да престанат полу-реформите со обука на судиите и да се навлезе во проект на комплетен реизбор на судиите и обвинителите.

Потоа овој процес во најтесна смисла мора веднаш да опфати работа (веројатно во Министерството за правда пред се) на општа де-нормативизација или целосно укинување на некои закони (веројатно 50% од постојните), радикално кратење на некои други и скоро општа де-пенализација (или укинување или драстично намалување на казните по сите основи).

Целта е да се постигне јасно и минимално нормирање во кое принципот на „чесен граѓанин“ мора да се овозможи. Денес системот на авторитарна хипер-нормативизација е концепт на диктатурата преку кој можноста за јасност и предводливост (сигурност и гаранција на човековите права) се ништи во потполност. Мрежата на огромниот број на закони намерно е испреплетен на начин на потполна нејасност (што важи каде и за кого) и кога некој ќе се обиде да „заврши работа“ во администрацијата тој нужно во еден дел на постапката ќе прекрши некоја норма на некој закон. Тогаш стапува на сцена администрацијата која одлучува што е законито, а што не, на дневна база. Како последица на таа своја арбитерна но моќна позиција одлучува да му даде „милост“ на клиентот (ако е нивни) или го блокира, тера на корупција или анулира противникот (граѓанинот кој смета дека е опозиционер). Тоа е ситуација на предполитичка милост кон поданикот во феудализмот, а не граѓанско општество со ефикасна администрација која му служи и обезбедува права.

Следна област на клучен политички судир е ОБРАЗОВАНИЕТО, следниот фронт кој е потценет од сегашната опозиција, а идната власт. Во него се води основната борба „за душите“ (да се изразам фаустовски) на македонските граѓани. Таму се потребни радикални резови кои недвојбено ќе предизвикаат реакции. Политиката е задолжена ова да помине безболно или најмалку болно. Имено, потребно е укинување на најмалку 30-тина факултети од дисперзираните државни студии и два-три универзитети (15-тина правни и економски факултети и сл). Тоа ќе предизвика политичка лавина и важно е да не се одлага туку јакобински да се пресече (Албанија ви е добар пример за тоа).

Во образованието и културата всушност ќе се одвива клучната битка на создавање на левата еманципаторска утопија за „еманципираниот Македонец’’ кој ќе се спротистави на десната утопија на „Македонецот со посебни потреби’’ (поделен, исплашен, омразен, кој му нуди да го преродува и штити ДПМНЕ).

Потребно е да се пристапи најозбилно и најитно кон создавање Комисии за промена, создавање на учебници по Историја и Граѓанско образование. Места каде се создава основата на политичката култура за нашето мултикултурно и демократско општество. Сиот систем сега поставен на образовните курикули во овие две клучни области е „пара српска култура“ и политика на права инспирирана од колективистички наци-лојалистички вредности на етно-национализмот. Сиот концепт на либерализмот, конституционализмот и индивидуализмот се ставени настрана пред овие колективистички матрици во учебниците.

Конечно укинување на екстерното во средното образование во тој поглед ќе им се чини како детска играчка.
Во образованието ќе се кали клучната стратегија на левицата за тоа каква културна политика ќе го преживее Македонецот во ситуација на компетитивност и (Гоцевата парола на културен натпревар меѓу народите) отвореност на државата за конкуренција од балканските поголеми културни маси. Македонецот ќе биде еманципиран и ослободен но не и обезличен. Таа Утопија на левицата не е создадена и ќе се создава првенствено од образованието. Само елитна култура и образование може да не спаси од исчезнување и претопување.

Интервенција во Јавниот простор окупиран од симболизмот на „лажната меморија“ или политичкиот конструкт на антиквизацијата е следната етапа на интервенција на новите власти во првите шест месеци. Етапно опции се „план Пиколомини’’ , план „Француски клуч“ или план кој не е план, а често го слушаме кај опозицијата денес – немој сега со тоа, ќе сме предизвикале ова или она, чекај малку да се повладееме, да уседнеме на власт, да поделиме некое тендерче, да повработиме некого наш и на тоа слично). Точно е дека ова чистење на јавниот-политички простор во кој нацијата ги става симболите на своите историски и денешни вредности и идолатрии, може да оди во етапи, но двата симбола на лажната свест кај Македонците (статуите на Александар и Филип) мора да одат! Мора да се почне со поврат на изгледот на зградата на владата на РМ, на Муличковски, и мора да се врати во првобитна положба елегантниот брутализам на дел од зградата на Поштата. Тоа е најмалку за првите 6 месеци, драги мои, а Тие како сакаат со тендерите.

Следи секако „Ослободување на МЕДИУМИТЕ“, нашата животна фауна која ја резонира демократијата и јавниот дикурс.

Овие проекти мора да се водат професионално со посебни тимови во министерствата насочени фокусно кон овие теми и нивни предлози до владата.

А сега за една друга страна која се однесува на начинот и опсегот на владеење на идната влада која како концепт мора да го создаде на свој пример и конечно да го петрифицира за во иднина, ако воопшто сакаме да имаме клучен пресврт кон демократија и правна држава, а не само смена на бои на партиите на власт.

Генерален став на опозицијата, заедно со граѓанските здруженија во новата власт, мора да биде РАДИКАЛЕН од аспект на трајно намалување на улогата и моќта на политиката и партиската политика посебно во општеството (за 60% од сегашното на пример)… Посебно по хоризонтално протегање или мешање на власта или уште полошо партијата на власт во се и сешто, а да задржат жестокост и сила во вертикално спроведување на политичките проекти за кои зборував погоре.

Концепциски став и челична дисциплина на Партиите ќе им треба да го зауздаат членството и своите фракции од вршење на власта во сегашниот манир (не зборувам за криминалот и корупцијата) туку за нејзината протегнатост во сите пори на општеството. Партиите и политиката мора да се САМООГРАНИЧИ како концепт. Тоа е вистински излез од кризата, а не само власт со нови бои. Никогаш повеќе ДПМНЕ значи никогаш повеке тој вид на власт!

Потребно е да се ослободат општествените независни центри на моќ од мешањето на политиката во нив:

Бизнисот, Универзитетот, здравството, медиумите. Треба да се стимулита создавање на т.н. ДЕЛИБЕРАТИВНИ СРЕДИШТА во овие инстанци (групи на професионалци-екперти) кои создаваат решенија и се во позиција на партнери, а не трансмисија на политиката. Балансот меѓу овие центри на моќ и политиката е предмет на секојдневна борба и договарање. Ова се нарекува „структурна делиберација“ и е основа на нашиот нов почеток и демократија во иднина.

Демократијата не е политички систем на формални институции (не само тоа и не пред се тоа) туку субверзивна социјална акција на партиципација на клучните групи во донесувањето политички одлуки и постојано ребалансирање на системот на тоа влијание заснован врз принципот на егалитарност. (Рансие)

Ова се, драги мои, имав намера да го кажам на еден собир на опозицијата за идеи за првите месеци на новата власт. Но кого забележав дека околу тоа од позиција на спикер на маса треба да зборува лице кое ги судеше и вадеше од работа „либералите“ во комунизмот, не парчосуваше нас околу независноста на Македонија (а сега е новопронајден либерал и е во гравитација на опозицијата) таа слика на сцената не можев да ја сварам. Имам слаб стомак за тоа и мој е проблемот, признавам…. и то, и на тоа слично.

Љубомир Д. Фрчкоски

Извор : Либертас