Работниците задоволни од предлог-законот на Владата за „Еурокомпозит“

0
421

Работниците од прилепски „Еурокомпозит“ и синдикатот се задоволни што Владата го реши најважното прашање – донесе предлог-закон за претворање на побарувањата за пензиско осигурување во траен влог.

Владата по седницата од 30 јули соопшти дека го усвои и до Собранието го достави Предлог-законот за претворање на побарувањето на државата по основ на јавни давачки во траен влог во Друштвото за производство на производи со посебна намена „11 Октомври – Еурокомпозит АД“ Прилеп, со кој се исполнуваат барањата на поранешните и сегашните вработени на ова претпријатие во државна сопственост.

– Практично ќе бидат надоместени заостанатите долгови по однос на придонес за пензиско и инвалидско осигурување на вработените, со што се исправа повеќегодишната неправда кон вработените и ќе им биде евидентиран остварениот работен стаж во компанијата за да може соодветно сите сегашни и поранешни вработени да го остварат правото на пензија согласно минатиот труд, соопшти Владата.

Пеце Велјаноски од Одборот на прогласените за технолошки вишок вели дека голем товар им е симнат и конечно се најде решението.

– Конечно, по долги и мачни преговори, бројни штрајкови и протести од околу две години, се најде решение кое е за поздравување и благодарност до тимот што го водеше овој процес. Се надеваме дека брзо ќе оди процесот и да помине во Собранието. Ова е голем товар што падна, вели Велјаноски.

Станува збор за околу 350 работници, вработени, прогласени технолошки вишок и со услов за пензија од прилепски „Еуркомпозит“ на кои шест и пол години не им се плаќаа придонесите.

Лазар Ангелески од гранковиот синдикат СИЕР објаснува дека во прашање се околу 2 милиона евра со кои преку фондот ќе им се реши стажот на работниците. Ова е оптималното решение.

-Со големо задоволство ја примивме веста дека владата ги послуша барањата на вработените од „Еурокомпозит“ да се донесе посебен Закон за да може да бидат платени придонесите за пензиско и инвалидско осигурување. Не беа залудни сите напори кои ги вложија, заедно со синдикатот на СИЕР. Голема благодарност и до учесниците на владиниот преговарачки тим кој сфати дека само на ваков начин ќе може да се реши прашањето на „Еурокомпозит“ за да може фирмата да се преструктуира и да работи. Се надеваме дека постапката ќе оди брзо и за многу кратко време ќе се направат сите потребни пресметки за да може конечно да се исполнат барањата како што беа договорени, изјави Ангелески.

Ќе се бара решението за исплатата на отпремнините и на заостанатите плати.

– Доколку се преструктуира претпријатието и ако се најде сериозен стратегиски инвеститор, тогаш, при купувањето на фирмата може да очекуваме работниците да се обесштетат во поглед на платите и надоместоците, како што се отпремнините. Судбината на отпремнините сѐ уште не е јасна и ние и понатаму ќе бараме, или фирмата, или Владата, или инвеститорот овие отпремнини за  работниците, да ги исплатат. Тоа не е голема сума, станува збор за околу 200.000 евра за работниците за отпремнини по основ на технолошки вишок или кои оствариле право на пензија, објаснува Ангелески.

Цветан Бунтески од Одборот на прогласените работници за технолошки вишок смета дека најлесно ќе биде да се бара стратегискиот инвеститор кој беше најавен.

-„Метлата“ го зафати претходниот директор кој три-четири месеци упорно не лажеше со некои договори со Гана, со што ја лажеше и Владата. Со сегашниот директор имавме куса средба на која му кажавме дека Владата доволно направи, а отпремнината и заостанатите плати треба да си ги бараме од фирмата. Но фирмата сѐ уште е во тешка ситуација, но надежта е доколку дојде инвеститорот кој се споменуваше дека е најден. Бидејќи сме главни доверители, тој треба да преговара со нас за да ги откупи побарувањата, вели Бунтески.