Работна посета на МНР Никола Димитров на Анкара

0
916

Во рамки на работната посета на Анкара, министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска се сретна со министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевљут Чавушоглу, како и со претседателот на Големото народно Собрание на Република Турција, Бинали Јилдирим, а претстојат средби со министерот за одбрана, Хулуси Акар и високи претставници во Кабинетот на претседателот Ердоган.

На средбата со МНР Чавушоглу беше потврдена посветеноста на двете страни за натамошно градење на блиски, пријателски и партнерски меѓусебни односи. Се дискутираа можностите за подобрување на соработката во економијата, инвестициите, образованието, културата итн. Министерот Чавушоглу потенцираше дека Република Турција и понатаму максимално ќе ја поддржува Република Македонија во евроатлантските интеграции. Тој позитивно ги оцени најновите случувања во Република Македонија во тој контекст. За време на разговорите министерот Димитров истакна: „Ги затвораме отворените прашања со цел да ја извадиме Македонија од равенката на несигурност, преку членството во НАТО и ЕУ. Во исто време не смееме да ги заборавиме нашите пријатели кои не’ поддржуваат на тој пат од самиот почеток.” На крајот на средбата двајцата министри потпишаа Меморандум за соработка во областа на информатичките технологии и дипломатските архиви помеѓу Министерствата за надворешни работи на двете земји.

На средбата со Претседателот на Големото народно Собрание на Република Турција, Бинали Јилдирим, беа разменети ставови за унапредување на комуникациите меѓу највисоките законодавни тела во двете држави во сферата на парламентарната дипломатија и особено поттикнувањето на конкретни и заеднички активности помеѓу Групите за пријателство и повеќе комисии во двата Парламенти.

На средбата со министерот за одбрана, Хулуси Акар се очекува министрите да дискутираат за турската поддршка за полноправно членство на Република Македонија во НАТО. Ќе се разговара и за подготвеноста на Турција за конкретни активности кога се во прашање осовременувањето на вооружените сили на Република Македонија, помош во опрема и обука на нашите војници и старешини, како и подготовки во оперативна и воено-техничка подготвеност според стандардите на НАТО.