ПУТИН ГО ВОЗВРАТИ УДАРОТ: РУСИЈА ГО ЗАБРАНИ ДОЈЧЕ ВЕЛЕ НА НЕЈЗИНА ТЕРИТОРИЈА

0
652

Русија одлучи да забрани емитување на германскиот канал „Дојче веле“ на својата територија. Потегот е одговор на Русија на одлуката на германското регулаторно тело за радиодифузија да забрани емитување на германската верзија на рускиот канал „Раша Тудеј“ (РТ).

„Дојче веле“, исто така, ќе има забрана за емитување во Русија и преку сателит или други канали, а сите вработени во руската верзија на оваа медиумска куќа ќе останат без акредитации, соопшти руското Министерство за надворешни работи, пренесува РТ.

Руските власти отпочнаа и процедура со која „Дојче веле“ ќе се окарактеризира како „странски медиум кој делува како странски агент“ за што, според рускиот закон за странски агенти, е пропишана казна.

Официјална Москва соопшти и дека составува список на германски државни јавни субјекти кои се поврзани со блокирањето на РТ во Германија и за вршење на притисок врз емитерот од Русија. На официјалните лица на германските органи кои ќе се најдат на списокот ќе им биде забранет влез во Русија, соопшти Министерството за надворешни работи и додаде дека дополнително ќе објави информации за реципрочни мерки што ќе бидат воведени.