Иако судот пресекол да му се врати на семејството Васовски атрактивна парцела во скопски Центар, две недели по оваа одлука државата продала дел од парцелата на хотелот „Солун“ и тоа во непосредна спогодба за 70 денари по квадрат, пишува Бирн.
„…Четири големи парцели градежно земјиште околу скопскиот централен плоштад, сопственост на повеќе стари скопски семејства повторно ги одзела државата, не затоа што некој погрешил и неправилно им ги вратил, туку заради т.н. општествен интерес… Тие што ќе градат се приватни лица и фирми блиски до власта и ова им било ветено“, во 2004 во колумна за „Дневник“ пишува тогашниот прв опозиционер Никола Груевски.
„Значи на едни приватни лица им се одзема веќе вратеното земјиште, кое власта во педесеттите години им го одзела на нивните предци, за денешната власт и државата да им го продаде на нови сопственици, блиски до власта, за да си градат хотел на најатрактивната локација… Се разбира играта е во цената на земјиштето. Ако ‘фраерот’ што ќе го купи од државата го купи од наследниците, тоа би го чинело многу поскапо…“, сликовито објаснува сега веќе експремиерот Груевски во истата колумна.
Градежната драмолетка што остро ја критикувал Груевски се репризирала десетина години подоцна и тоа на истите географски координати во центарот на главниот град, но овој пат во време кога партијата на Груевски суверено управуваше и одлучуваше со Општина Центар и со Министерството за транспорт и врски, институции задолжени за прекројување и за продавање на државното земјиште.
„Татко ми го купи имотот во 1939, сакаше да се преселиме, ама брзо се вративме во Тетово, бидејќи почнаа војната и бомбардирања“, раскажува 79 годишниот Божидар Васовски кој 15 години се бори за своето земјиште, 400 квадрати на улицата „Максим Горки“, кои социјалистичката држава ги одзела од неговото семејството уште пред половина век.
И покрај денационализацијата и судските пресуди во нивна корист, сè уште трае битка со државните институции за враќање на сопственоста врз земјиштето.
Денес четвртина од парцелата се наоѓа во дворот на хотел „Солун“, сопственост на семејството на Владимир Здравев, поранешен функционер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а на остатокот од земјиштето денешната држава планира да подигне станбени згради.
Целата сторија ОВДЕ