ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ И ЧЕСТИТАШЕ НА МВР ЗА ОДЛИЧНО ЗАВРШЕНАТА РАБОТА И ГО ОСУДИ КАМЕНУВАЊЕТО НА МАКЕДОНСКИОТ КЛУБ ВО БЛАГОЕВГРАД

0
450

Претседателот на С Македонија, Стево Пендаровски, го осуди каменувањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград. Пендаровски изрази жалење за инцидентите на граничниот премин „Деве Баир“ на денот на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, а за изјавата на поранешниот бугарски амбасадор во земјава Александар Јорданов, полна со навреди за македонскиот народ, вели дека е недолична за еден дипломат. Најостро го осудувам вандалскиот чин на каменување на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, Република Бугарија. Вандализам и криминал од овој вид не се европски вредности и потребна е осуда, а, се разбира, и откривање и соодветни казни за сторителите на овој чин. Ова го пишува претседателот Стево Пендаровски во својата реакција во врска со најновите случувања во македонско-бугарските односи.

„Истовремено, изразувам жалење за инцидентите на македонската граница предизвикани од страна на група граѓани на Република Бугарија, предводени од пратеници во нивниот Парламент. Изразувам жалење што не сведочиме и на осуда за нападите насочени кон македонските полицајци и кон македонските институции.На припадниците на полицијата и на надлежните органи им честитам за достоинството и професионализмот при справувањето со агресивните вандали“,вели Пендаровски.Пендаровски ја коментира и изјавата на поранешниот бугарски амбасадор во земјава, сегашниот европратеник Александар Јорданов, велејќи дека е недолична за дипломат.

„Сакам да се осврнам и на изјавата на поранешниот амбасадор на Република Бугарија во Република Северна Македонија, а сегашен пратеник во Европскиот парламент, Александар Јорданов, која содржи навреди и погрдни фрази за македонскиот народ, потполно недолични за еден дипломат и пратеник во Европскиот парламент. Во овој случај сакам да додадам дека не станува збор само за отсуство на елементарна култура кај именуваниот, туку и за најостра форма на говор на омраза, која е без преседан во историјата на македонско-бугарските односи“,смета претседателот.Пендаровски додава дека, на негово жалење, територијалните претензии и негирањето на македонската нација станале секојдневие. Тој за ваквите негаторски испади очекува навремена и соодветна реакција на официјална Софија.