ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА ДАВКОВА СЕ ОБРАТИ НА СВЕЧЕНОТО ОТВАРАЊЕ НА ИНТЕРНАЦИОНАЛНИОТ ФЕСТИВАЛ НА ДЕТСКИ ТЕАТРИ ,,ИГОР МАЏИРОВ” 2024

0
74


Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се обрати на свеченото отварање на третото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „ИГОР МАЏИРОВ“ 2024 што се одржува под нејзино покровителство, а во организација на НУ „Театар за деца и младинци – Скопје“.Во своето обраќање, претседателката Сиљановска Давкова истакна дека несомнено станува збор за фестивал кој иако е стар само три години, веќе стекна заслужен углед, не само дома, туку и пошироко, како квалитетна и оригинална културна манифестација.

„Во оваа прилика не можам, а да не ги пофалам организаторите, Театарот за деца и младинци кои создадоа врвна манифестација достојна на споменот на нашиот талентиран актер Игор Маџиров, кој за жал прерано нè напушти, оставајќи огромна празнина во неговиот матичен театар и во македонското глумиште“, рече Претседателката.

Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека верува дека годинашниот фестивал ќе понуди врвен квалитет на сцената на Театарот за деца и младинци, но и на сцените на неколку други театри во Скопје при што публиката ќе има несекојдневна можност во наредните денови да проследи десетина претстави од театри од неколку европски земји, создавани со љубов и трпение.

Претседателката упати порака до сите деца и млади, да живеат и уживаат во театарот и уметноста, да растат и да се развиваат со убавото и благородното, како и порака до нивните родители и до возрасните, да го чуваат детето во себе, да ја негуваат неговата љубопитност, слобода и непослушност. „Дозволете на крајот на моето обраќање да посакам Театарот за деца и младинци да продолжи да создава богата програма и да ги радува најмладите, да расте со нив.

Посакувам овој симпатичен и топол уметнички дом, да се прошири и да порасне, соодветно на потребите на домаќините, но и гостите – публиката! “, истакна Претседателката посакувајќи пријатни и незаборавни мигови со претставите на третиот Интернационален фестивал на детски театри ,,Игор Маџиров“.

На отворањето на фестивалот којшто годинава се одржува под слоганот „Сè e твое” беше прикажана претставата „Не ме чекај“ во режија на Вера Розанова, а во изведба на театарот „Снег на трепките“ од Франција. Фестивалот којшто е наменет за детската и младинската публика, има за цел да ја промовира, развие и популаризира детската театарска продукција следејќи ги најновите трендови на содржини, форми, настани и текови во сферата на детскиот театар.