Откако ја убедуваше јавноста дека ЕУ нема значајно да ја подобри живеачката на народот, дека ЕУ не ни треба, по говорите на неговите пратеници во парламентот кои ја обвинија Урсула Фон Дер Лејен дека е нацист, по говорот на Ефтим Клетников на протестите пред собрание во кој ја нарече ЕУ – Вавилонска Курва, денеска во Ташмаруништа лидерот на ВМРО ДПМНЕ ги збуни членовите на ВМРО ДПМНЕ со фалби за ЕУ, не била она крива за ветото и блокадите и тоа што не тера да се договориме со Бугарија, туку криви за тоа биле СДСМ и ДУИ!?!
Мицкоски: Македонија треба да го поврати изгубеното, народот да не наседнува на лагите на СДСМ и од нив платен полусвет, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се гаранција дека ќе се врати загубеното и нема да има уставни измени
Драги пријатели, браќа и сестри,
Честит Илинден!
Честит нека ни е најголемиот македонски празник – Свети Илија, Илинден!
Нека е вечен споменот на комитите, на партизаните, на тие снажни мажишта и жени кои се бореа за нашата слобода.
Епска е нашата столетна борба за слобода во која се нижеа падови, но и победи, една ретка крвава драма, препочна со страдања, горчина, треперења и мирис на барут кој подеднакво ја пратеше и нашата копнеж за слобода и верувањето во идеалите.
Првиот Илинден е светол, иако Крушевската Република беше крваво задушена, а неуспехот да се ослободиме беше страдањето кое Македонците го прифатија и се носеа со него затоа што не престанаа да веруваат. А, знаеја дека таа борба за своја држава вреди, а успехот дојде четириесетина години по првиот Илинден, оделотворен во Асномска Македонија, Македонија на Ченто, на Петре Пирузе, на Михајло Апостолски, една цела плејада на херои кои ја креваа главата гордо високо, кога многумина им велеа дека треба да клечат. Но ваквата историска читанка ни вели дека Македонија и Македонците секогаш без оглед и на периодите на очигледна слабост на капацитетот на елитите да водат во дадените моменти, раѓала поединци чии дела ечеле во немиот простор на суровата реалност на беспаќата, обезнадеженоста на духот на нацијата и безволноста да се продолжи борбата. Тие поединци ја правеле разликата од останатите и биле примерот во кој народот верувал и по кој тргнувал во борба да го отсонува својот сопствен сон. Овие татковци на нацијата ја пишуваа нашата историја и го водеа нашиот народ. И тие не клечеа, не се колебаа, не тргуваа со светите работи за нашата кауза. Нивните имиња денес ги изговараме со особено чувство на почит и со трепет во нашите срца, затоа што тие веруваа во идејата која многумина се откажуваа. Ако некој се сомнева во нивната припадност, за тоа кои биле и што биле, нивните коски се расфрлани насекаде низ оваа земја и тие извираат и живеат во нашите сеќавања, во раскажувањата на генерациите кои доаѓаат потоа, а нивната слава е неизбришлива. Делата на овие луѓе ја создаваа Македонија и затоа нејзиното постоење нема цена, и ако прашањето е на што сме подготвени да направиме за да Македонија опстои треба да знаат дека ќе ја платиме секоја цена за да го зачуваме непроценливото, а тоа е нашата Македонија.
Драги пријатели,
Она што денес ни се случува со нашата Македонија е едно историско дежа ву на сите аспирации на дел од соседите кои безмалку во различни облици не прателе како проклетство низ вековите. Не е проблем што тие удираат, но болката е што одвнатре Македонија е распродавана. И тука немаме ние некаков идеолошки судир, туку постои математичка пресметливост на владејачката елита која преку трговијата со најскапото ја задржува власта. Власта за мене е одговорност да се води, власта за оваа моментална елита е да ја крадат нашата Македонија. И затоа во овие пет години оваа власт е најразорната атомска катастрофа која Македонија во не само економски, туку политички контекст ја уназади децениски, правејќи штета по нашите стратешки позиции за кои ќе бидат потребни нови децении заедничка битка да се повратат. И кога тргуваа со заедничкото за нивна лична корист, го убиваа духот на Македонецот, го убиваа тој ентузијазам за новата држава кој полека прерасна во разочарувања, го убиваа сонот на тие момчиња и девојки кои ги вееја македонските сонца тој 8-ми Септември, ја убиваа секоја надеж дека можеме поинаку, секој план, секоја прогресивна размисла за потрага по колективната среќа која без исклучок завршуваше со желбата да бидеме признаени Македонци од Македонија како дел од Европското семејство на рамноправни народи. И сега кој е повеќе за Европската Унија? Ние кои треперевме за идејата да имаме своја независна и суверена држава Македонија која ќе биде дел од семејството на Европската Унија, со зачувано достоинство, име и идентитет, или овие кои сега ја водат земјата, а кои нема европска вредност која не ја погазија, поплукаа, или идентитетска вредност која не ја начнаа или истргуваа само со една цел за да продолжат со богатење на грбот на народот и неговата колективна несреќа.