ПРЕМИЕРОТ КОВАЧЕВСКИ ВО ПРАГА : СОЛИДАРНОСТА И СОРАБОТКАТА НА ЕВРОПСКИОТ КОНТИНЕНТ СЕ НЕОПХОДНИ ЗА ДА СЕ НАДМИНЕ ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА

0
150

Премиерот Димитар Ковачевски во Прага во рамки на првиот состанок на Европската политичка заедница, учествува на лидерската тркалезна маса посветена на енергетиката и економијата. Заедно со премиерот Ковачевски на истата дискусија присуствуваа и премиерот на Шпанија, Педро Санчез, премиерот на Холандија, Марк Руте, премиерката на Обединетото Кралство, Велика Британија и Ирска, Елизабет Трас, како и останатите лидери на европските земји.

Во фокус на дискусиите се сериозните нарушувања на енергетските пазари, како резултат на воената агресија на Русија врз Украина. Ковачевски заедно со лидерите на Обединетото Кралство, Шпанија, Австрија, Малта, Албанија, Холандија, како и Бугарија, Германија и Србија дискутираа за соработка и солидарноста низ Европа како неопходност во овој момент, а сѐ со цел земјите од Европа да се обезбедат и снабдат со енергија преку различни извори на снабдување.

Премиерот Ковачевски ги истакна позициите, моменталната состојба во Северна Македонија како и очекувањата и неопходноста од соработка за надминување на енергетската криза.

Беше истакнато дека регионот на Западен Балкан е еден од најпогодените, затоа што производството на електрична енергија е базирано на лигнит и тоа од многу стари термоелектрани на јаглен, кои во дадениот контекст се неефикасни.

Дополнително предмет на дискусија е економската состојба во земјите и намалениот глобален економски раст поради зголемена несигурност што ја поттикнува инфлацијата ширум светот. Лидерите потенцираа дека европските економии се соочуваат со зголемени цени и со прекин на синџирите на снабдување, а како резултат на тоа, централните банки почнаа да ги зголемуваат каматните стапки, што прави притисок на домаќинствата и бизнисите.

Владите обезбедија привремена поддршка за да се спротивстават на овие трендови, но заеднички е заклучокот дека потребни се нови механизми и итна помош за обезбедување долгорочни инвестиции кои го подобруваат растот, особено за финансирање зелени и дигитални транзиции.