Премиерот Спасовски го прими шефот на мисијата на ОБСЕ во земјата Која: Создаваме услови за спроведување на безбеден изборен процес од здравствен аспект во кои граѓаните ќе го остварат своето право на глас и на избор во фер и демократска атмосфера

0
733
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски го прими шефот на мисијата на ОБСЕ во нашата земја, амбасадорот Клеменс Која, кој се интересираше за подготовките за организирање и спроведување на парламентарните избори на 15 јули.
Премиерот Спасовски во разговорот со амбасадорот Која се заблагодари за соработката со мисијата на ОБСЕ во Скопје и за поддршката на реформите, во прв ред за реформите во полицијата, правосудството, заштита на човекови и малцински права, како и во образованието, и истакна дека таа соработка во наредниот период до изборите ќе дојде до израз и во комуникацијата со специјална изборна оценска мисија за набљудување на предвремените парламентарни избори на 15 јули 2020, како особено важно за довербата, кредибилитетот, и транспарентноста на изборниот процес.
Спасовски истакна дека Владата веќе ја започна интензивната комуникација со надлежните институции за спроведување на изборите, во прв план со Државната изборна комисија и со Државната комисија за спречување на корупцијата, и додаде дека за изборите, власта и опозицијата имаат заедничка одговорност, имајќи предвид дека опозицијата има клучна улога и одговорност заради раководењето со МВР како институција од исклучително значење за изборниот процес.
На средбата со шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, премиерот Спасовски потенцираше дека Владата ќе ги обезбеди сите неопходни услови за спроведување на безбеден изборен процес од здравствен аспект во кои граѓаните ќе го остварат своето право на глас и на избор во фер и демократска атмосфера.
Амбасадорот Клеменс Која на средбата истакна дека во услови на пандемија со КОВИД-19, ОДИХР во кус рок ја организираше и веќе ја размести Специјалната изборна оценувачка мисија за предвремените парламентари избори. Тој додаде дека мисијата ќе ги набљудува сите аспекти на процесот и изрази уверување дека и со овој формат мисијата ќе ја изврши својата мисија квалитетно и ефикасно во функција на кредибилно мониторирање на изборниот процес.