Премиерот Христијан Мицкоски, во друштво на Велешкиот градоначалник Марко Колев, министерот за култура Зоран Љутков, пратениците Игор Здравковски и Александар Јамалов, кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, претседателот на Совет Даниел Јаневски и советниците од Советот на Општина Велес, синоќа се забавуваше на традиционалната велешка манифестација – Питијада.
Градоначалниците Колев и Јанчев објавија фотографии од настанот на кој се гледаат расположените функционери, а Јанчев посочи дека Питијадата е манифестација која на најубав начин ја покажува културата на зачувување на традициите и обичаите на нашиот народ.
Велешка Питијада започна вчера (петок), и ќе заврши утре (недела), а бројните посетители од сите краеви имаат можност да го пробаат познатиот гурмански специјалитет, велешка пита, но и да се забавуваат со звуците на голем број на домашни музичари, како и регионалните музички гости. Синоќа традиционално се сечеше џиновската пита, и секоја година средствата собрани од нејзината продажба завршуваат во хумани цели. И функционерите ја пробаа и донираа. Бил поставен нов рекорд, бидејќи минатата година питата беше долга четири метри и 10 сантиметри, а годинава истата била со должина од четири метри и 20 сантиметри.
-Велес постави нов рекорд – вештите раце на пита мајсторите подготвија џиновска пита во должина од 4 метри и 20 сантиметри! Зоранчо Илиевски, Стеве Костадинов, Георгиј Јамалов, Благојче Николов, Александар Панов, Паскал Јамалов, Лазе Коцевски и Александар Јамалов од Фурна Гемиџии ја подготвија оваа пита која во себе содржи 15 кг. брашно, 25 кг. тесто, 40 кг. месо и 330 јајца. Во соработка со Црвен крст Велес беа собрани средства од продажба на питата кои ќе се употребат за хуманитарни цели, извести градоначалникот Колев.
На сцената во Велес синоќа настапија Соната, Бојана Скендеровски, Слаткаристика и Суперхикс. Манифестацијата продолжува и денес, и за вечерва се најавени настапи на Мики Секуловски, Александра Јанева и други, а главна мзуичка ѕвезда ќе биде Саша Ковачевиќ. Утре пак, настапуваат Благоја Грујовски, Огнен Здравковски, Елена Ристеска и С.А.Р.С.. Во текот на трите дена во Велес, исто така се одржуваат и бројни културни, спортски и забавни активности.