ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ ОКОЛУ ИНЦИДЕНТОТ СО ОСМАНИ : СЛЕДНИОТ ПАТ ЌЕ ЈА ПРИДРУЖУВАМ КОСОВСКАТА ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ ЗА ДА СЕ ИЗБЕГНАТ ИНЦИДЕНТИ

0
85

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека следниот пат, ако добие навремено информација, ќе ја придружува косовската претседателка Вјоса Османи додека чека лет на Скопскиот аеродром, за да се избегнат инциденти како оној на 1 август. На заедничката прес-конференција со косовскиот премиер Албин Курти, Мицкоски рече дека на комерцијални летови на Скопскиот аеродром се следат јасни меѓународни стандарди и процедури на кои што е подложен и самиот тој, како и македонската претседателка и сите официјални лица кои поминуваат низ ВИП делот.

„Според информациите кои што ги добивме од официјални лица на аеродромот е дека се следат јасни, прецизни меѓународни стандарди и процедури на комерцијални летови. На вакви процедури сум подложен и јас како македонски премиер и македонската претседателка и сите официјални лица кои го поминуваат ВИП делот, иако јас не го користам тој дел, туку делот како и сите граѓани. Но, тоа предизвика кај нас чувство со кое што жалиме и не сакаме да се повтори.

Јас лично истакнав дека претседателката на Косово е добредојдена, како и сите граѓани од Косово, и лично следниот пат ако добијам навремено информација, ќе ми биде задоволство да ја пречекам домаќин на аеродромот и додека не отпатува од Скопје да ја придружувам во времето кое ќе го помине на Скопскиот аеродром за да избегнеме ваков тип на инциденти, а особено однесување на поединци што е наш проблем и ние сами ќе си го решаваме.

Добрососедските односи се двонасочна улица и сакаме со Косово да имаме плодни и искрени добрососедски односи“, кажа Мицкоски.