Иако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, на чие чело е Ислам Абази, поднесе жалба на решението на судијата на претходна постапка, кој му одреди куќен притвор на сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, син на пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски, сепак, премиерот Христијан Мицкоски продолжи со обвинувањата кон Абази.
Не го спомена со име и презиме, но го опиша со зборовите „на тој што му стоеја на ушка“, алудирајќи на фотографијата што излезе во јавност на која Абази, во семејна и опуштена атмосфера, беше фотографиран со братот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со кого потекнуваат од исто село.
– Јас сум сигурен дека вие, новинарите, точно знаете за кое име станува збор и очекувам тоа да биде во насловите на вашите соопштенија. На тој што му стоеја на ушка на една слика – рече Мицкоски.
– За мене се алармантни информациите што ги добивам, а кои се поврзани со однесувањето на прв човек на едно обвинителство кога слушнал за акцијата што ја спроведуваше МВР и БЈБ пред два дена. Навистина сум шокиран како се однесувал тој човек и како продолжува да се однесува. Ним не им е местото таму. Ако сакаат да бидат дворско-партиски забавувачи, тогаш нивното место не е во Обвинителството, туку во оние големи хациенди што се изградени во Западна Македонија. Но, доколку сакаат навистина да имплементираат правдина, тогаш треба да го сменат своето однесување. Тоа што го слушнав како тој човек се однесувал, мислам дека многу скоро од денеска ќе се кае, но тогаш се плашам дека ќе му биде доцна – изјави Мицкоски.
Извор : Слободен Печат
Фото : А1он
