Случајот со Блерим Рамадани е уште една потврда дека правосудниот суд не за бадијала ужива два проценти доверба кај граѓаните и се додека вакви судии се дел од правосудниот систем ние не можеме да имаме правна држава, смета премиерот Христијан Мицкоски.
„Што се однесува до лицето Блерим Рамадани можам да го кажам следново. Ова не е прв случај. Првиот случај се случил во 2016, а вториот случај во 2019 година. Ова е трет случај за кој јас сум запознаен. Знам каде не е, не е во домашен притвор. Прашањето е зошто е одлучено да биде во домашен притвор. Затоа што одлуката во 2019 година на Врховниот суд е многу јасна – кога тогашното лице кое што било во екстрадикциски притвор е ослободено. Зошто овој судија којшто во минатото е познат по многу контроверзни судски одлуки меѓу кои и онаа за насилниците од МНАВ носи одлука која што го суспедира како тоа е наречено судската пракса и ја надсинхоринизира одлуката на повисокиот суд, а тоа е Врховниот суд тоа е прашање кое што треба многу сериозно да се разгледува“, изјави Мицкоски.
Според Мицкоски, зошто ова прерасна во политичка тема, е исто така прашање кое што треба да се разгледува.
„Ова не требаше да биде тема. И апелирам да не дозволиме нашите соседи да ја користат нашата држава како прокси во покажување меѓусебни мускули. Јасна е судската пракса – дали нас ни се допаѓа или не, тоа е друга тема. Но, Врховниот суд во 2019 година има донесено одлука со која што тогашното лице кое што е заробено како резултат на меѓународна потерница од Србија во екстрадиционен притвор е ослободено. Зошто овој судија прави ваква судска гимнастика, инженеринг, тоа е веќе друга анализа“, рече Мицкоски.