ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ ЗА НАСЛЕДЕНИТЕ ДОЛГОВИ : ВО ПРВИТЕ 100 ДЕНА ОДЛУКА ЗА ВРАЌАЊЕ НА 2 МИЛИЈАРДИ ДЕНАРИ ДОЛГ ВО ФЗО ОСТАВЕН ОД ВЛАСТА НА СДСМ И ДУИ

0
77
„Долгови има насекаде и тие се бројат во милијарди денари. Состојбата со Фондот за здравствено осигурување беше долг од 5 милијарди денари. Видовте дека за помалку од 100 дена, за нешто повеќе од 80 дена со заштедите и со доброто менаџирање се обезбедени 2 милијарди денари, од тие 5 милијарди да биде вратен долгот очекувам следната година до крајот веќе таа состојба да биде еднаква на нула“, вака претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски одговори на новинарско прашање во врска со огромните долгови во Фондот за здравствено осигурување оставени од претходната власт и како владата планира да помогне.
Тој исто така потсети дека владата на ДУИ и СДСМ катастрофален буџет во кој не беа предвидени К-15 за вработените во јавната администрација, редовна исплата на пензии и плати во АД Водостопанство и АД Национални шуми кои оваа влада ги реши со ребалансот.
„Но ќе ве потсетам дека не е само тоа. Со ребалансот на буџетот обезбедивме една милијарда денари која што беше наменета за исплата на К-15 на повеќе од 83 илјади вработени која што тие не ја предвиделе од јавната администрација. Обезбедивме повеќе од 1,2 милијарди за исплата на земјоделците, долгови стари покрај редовните коишто тие не ги предвиделе. Обезбедивме 5 милијарди денари редовна исплата на пензиите на пензионерите коишто тие не ги предвидоа, плус веќе од 1-ви октомври пензионерите ќе добијат еднократно зголемување од 2 ипол илјади денари коешто си продолжува и понатаму и уште 2 ипол илјади денари согласно законот на први април за март. Практично цело време ветувањето коешто го имавме од тие 5 илјади денари во првата година го реализираме во првите девет месеци, дури и порано. Ќе ве потсетам и тоа е многу значајно особено дека вработените во АД Водостопанство и АД Национални шуми коишто не беа земале плата со месеци, добија плата и тука од страна на ребалансот беа обезбедени, околу половина милијарда денари“, истакна Мицкоски и додаде дека овие работи треба да се повторуваат за да не се заборават и да не се повторат:
„И сега можам вака да редам многу работи и многу дубиози коишто ги остави владата на СДСМ и ДУИ, но тоа е што е. Граѓаните тоа го знаат. Добро е од време на време да се потсетиме, да не се заборави и да не се повтори, тоа е многу важно затоа што ако ги заборавиме работите, овие криминалци од поранешната влада играат на таа карта, го потценуваат повторно сопствениот народ. Играат на картата на кратко помнење и мислат ќе заборави народот, еве не ние тука сме пак. Затоа мора од време на време да повторуваме што оставија.“
Мицкоски на крај додаде дека ниедна влада откако Македонија е независна не се случило да остави буџет во минус како што тоа го направи сега владата на СДСМ и ДУИ со минус 200 милиони евра.
„И конечно на крај ќе потсетам дека сметката на Владата на 24 јуни којшто беше прв работен ден беше минус 200 милиони евра, а тоа е минус 12 милијарди денари. Тоа на ниту една влада откако ние како држава Македонија независна не и се случило. Дури и после конфликтот во 2002 година сметката беше позитивна, а сега ние затекнавме состојба од минус 12 милијарди денари. Ако во 2002 имаше позитивна нула, односно имаше плус, ако во 2006 постоеше онаа продажба на тогашната или познатиот „Бонбона бизнис“ кој имаше неколку стотина милиони евра на сметка, 2017 сите бевме сведоци, знаеме што се случуваше, во 2024 година 24 јуни, сметката беше минус 12 милијарди денари и очекувам овој месец или прва половина на октомври да дојдеме на позитивна нула, да го вратиме сето тоа. Така се работи домаќински и да се реализираат проекти и да се штеди. Тоа е целта на оваа Влада“, заклучи Мицкоски.