„Вчера имав навистина динамична агенда, убава агенда, каде што можевме да ги презентираме позициите коишто ги имаме како македонска Влада. Во делегацијата покрај мене беа и двајцата министри, министерот за европски прашања и министерот за надворешни работи, надворешна трговија, Муцунски и Муртезани.
Мислам дека имавме корисна посета во Брисел, многу од работите, нашите соговорници за првпат ги слушнаа. Жалам што изминативе седум години освен свитката кичма, коленичење, друго не биле во можност да слушнат ниту да видат од претходната Влада предводена од СДСМ и ДУИ, но ние таму отидовме подготвени со озбилни аргументи и факти.
„Ќе Ве потсетам на почетоците на овој милениум бевме во група со Романија и Бугарија, за да излеземе од таа група, па потоа бевме во група со Хрватска, за да излеземе од таа група, па потоа со Србите и Црна Гора, за да и таа група не претрка, па со Албанија, па сега и Албанија ќе не претрка“.
Премиерот истакна, додека тој е на чело на македонската Влада нема да прифати ултиматуми за нашата држава да стане дел од европското семејство.
Сакам овие граѓани и мојата татковина да бидат дел од тоа семејство врз основа на мерит-системот, а не врз основа на дополнителни национални срамови и идентитетски отстапки. Тоа нема да го дозволиме!
Ако тие навистина сакаат да напредуваме, врз основа на мерит-системот, тогаш преговорите ќе ги почнеме уште веднаш, уште утре. Но, очигледно дека дозволуваат една земја членка да го билатеризира целиот овој процес, нешто коешто не е став на останатите 26 земји членки. Ние немаме што да правиме, ние мораме да се бориме за својот став, ние мораме да се бориме за својата позиција.
И, на моите соговорници им кажав дека повеќе не можеме пред нашите граѓани да излеземе и да ги браниме двојните стандарди. Ако важи принципот pacta sunt servanda за Преспа, тогаш треба да важи принципот pacta sunt servanda и за Договорот за добрососедство.
Нека ми каже еден во Брисел, каде во тој pacta стои дека ние мора да го промениме Уставот. Нека не ми споменуваат предлози, друго е францускиот предлог, тоа е предлог, не е pacta, не е договор. Како може да важи за нас и за оваа Влада и за сите влади, претпоставувам во иднина додека не се вратат работите во нормала еден ден и ние не треба да престанеме да сонуваме. Pacta sunt servanda тоа е Преспанскиот договор тогаш ќе мора да важи за Договорот за добрососедство. А таму значи дека, нашиот источен сосед ќе не поддржува и нема да не кочи во евроинтегративниот процес.
Тоа е pacta, тоа е договор, не е договор францускиот предлог. Треба сите да знаеме и македонската јавност и бриселската и цела Европа. Не смееме повеќе со двојни стандарди да водиме политика. Политиката треба да ја водиме врз основа на принципи и вредности коишто се поврзани со Копенхагенските критериуми и коишто се темелат на меритократија, а не на билатерални спорови и опструкции, и национализми и идентитетски прашања. Тоа е мојата порака, и таа беше мојата порака во Брисел“, нагласи премиерот Мицкоски.