Премиерот на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски во соработка со ИРИ, како дел од проектот за дијалог со граѓанските организации оддржа средба со повеќе невладини организации.
„Образованието е столб на општеството и затоа е поставено високо меѓу владините приоритети. Без квалитетно образование, нема ниту квалитетни доктори, наставници, економисти и така натаму. Одлучни сме да направиме крупни промени и го повикувам граѓанскиот сектор активно да учествува во креирањето и спроведувањето. Заедничка обврска е да создадеме подобри услови за едукација на младите, а со тоа и подобра иднина во сопствената земја.“
Ова е пораката која премиерот Христијан Мицкоски ја испрати до младинските организации кои беа дел од денешниот настан во рамки на дијалогот помеѓу Владата и граѓанскиот сектор на тема образование и младинско учество, што го организираше Меѓународниот републикански институт.
„Жал ми е што морам да констатирам дека образованието во минатото ни е значително опаднато. Секоја идеја е добредојдена и затоа ги организираме овие тематски дискусии со граѓанскиот сектор“, рече Мицкоски.Тој додаде дека Владата работи транспарентно и создава услови за услови за граѓанските организации уште поактивно да учествуваат во развојот на државата.
Повика да поддржат процес и заеднички да биде креирана стратегија за развој на државата, со временска рамка која ќе биде доволно голема, за како што рече, да можеме да трасираме пат и да оствариме резултати на тој пат по кој ќе одлучиме да се движиме.За време на дебатата, дел од младинските организации изнесоа свои предлози за мерки, проекти и системски решенија со кои, како што рекоа, ќе се задржат младите во својата земја и тука ќе го градат и реализираат својот потенцијал.
Беа повикани и сите останати здруженија да достават свои иницијативи во одделението за соработка со граѓанскиот сектор при Владата, како и до надлежните министерства.Обраќања имаа и министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани и министерот за локална самоуправа Златко Перински. Заеднички став е дека односите со граѓанскиот сектор се развиваат во добра насока и се очекува политиките кои се креираат преку меѓусебната соработка, да дадат позитивен исход.