ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ ДОБИ ПЛАКЕТА ОД СТУДЕНТИТЕ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ НА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА ЗА ПОДДРШКАТА И РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА МЛАДИНСКИТЕ ПОЛИТИКИ

0
298

Премиерот Зоран Заев доби плакета во знак на благодарност за заложбите и за целокупната поддршка на студентите за реализација на младинските политики на денешната средба со членовите на студентскиот парламент од Универзитетот на Југоисточна Европа, Тетово и претседателот Агрон Демири.

На средбата се дискутираше за меѓуинституционалната соработка, важноста на студентите и нивната улога во економскиот развој на државата, како и за условите кои ги креира Владата за академските граѓани.

Дополнително беше дискутирано за реализираните мерките како субвенциониран студентски оброк, стипендиите од Министерството за образование и наука, младинскиот додаток, како и за Законот за младинско учество и младински политики.

Премиерот Заев упати честитки за Универзитетот на Југоисточна Европа кој континуирано го зголемува бројот на студенти, кои потоа се вклопуваат на пазарот на трудот и подвлече дека тоа само по себе говори за високата посветеност на студентите како и на сите вработени, академските и административните служби.

„Верувам дека со вашите стекнати компетенции и знаење, дома ќе ги развивате потенцијалите, ќе работите и придонесувате за развојот на државата. Поддршката за студентите ќе расте, а она што е важно е да се испорачува квалитет. Ние сме мала земја, но успеваме да се справиме со предизвиците, да ја развиваме економијата и системот во кој младите ќе придонесуваат и успешно ќе се реализира во областа која ја избрале“, рече Заев и додаде дека студентите преку работната група МОН-МЛАДИ во Министерството за образование и наука, учествуваат во креирањето на успешни младински политики и се консултирани за нивните потреби кои понатаму се имплементираат во конкретни мерки.

Претседателот на студентскиот парламент Демири искажа задоволство од досегашната отворена соработка и истакна дека средствата кои државата ги намени за Универзитетот на Југоисточна Европа, се доделуваат за заслужни и за социјални студентски стипендии. Тој искажа благодарност за соработката и поддршката на младите за промовирањето на растот на студентските стипендии, како и за воведување на субвенциониран оброк за сите студенти како на државни, така и на приватни универзитети во износ од 2.400 денари.

На состанокот се дискутираше и за предизвиците и насоките кои треба да се преземат во иднина со цел унапредување на студентскиот стандард.