ПРЕДЛОГ МИНИСТЕРКАТА ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА ВЕСНА ЈАНЕВСКА : НАСТАВНИТЕ ПЛАНОВИ И ПРОГРАМИ ЌЕ МОРА ДА СЕ ПРОМЕНАТ ЗАТОА ШТО ОЧИГЛЕДНО НЕ ДАВААТ ЕФЕКТ

0
128

„Оваа Национална стратегија повеќе пати сум кажала дека сметам дека е многу потребна, тоа би биле принципите на кои ние би го воспоставиле образовниот систем со политички консензус во Македонија. Се разбира тоа би било со консултација на стручните тела и стручната фела“, истакна Весна Јаневска, предлог министер за образование и наука во утринска емисија на „Слободен печат“.

„Сметам дека е многу потребно сите политички релевантни субјекти да се согласат на тие принципи за да може да обезбедиме континуитет во образованието на младите“, заклучи таа.

Јаневска потсети дека во минатото многу често се менуваа министрите и многу често се доаѓаше во ситуација да се почнува постојано од почеток со некакви неефикасни промени.

„Па, така ќе го предложиме ова и јас се надевам дека ќе дојдеме до тој консензус“, нагласи таа.

„Наставните планови и програми навистина ќе мора да се променат затоа што очигледно дека не даваат ефект. Јас велам дека според принципот кој јас го посакувам да има континуитет сега во моментов се прават анализи и се правеа и претходно, она што наставниците, родителите и повозрасните ученици ги сметаат дека е добро во тие програми, ние ќе го задржиме како Влада“, појасни Јаневска.

Таа посочи дека критиките од ЕУ и меѓународните тестирања покажуваат дека нашите деца со своето знаење се на некое незавидно ниво и тоа мора да се промени.

„Ќе се водиме по тоа – добро образование, добра држава“, нагласи таа.