Превирања во ВМРО-ДПМНЕ: Форумот се шири со „старото јадро и чесните вмровци“

0
742

vmro d

Поранешните високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ Никола Димитров, Владимир Лазаревиќ и Перо Димшоски се во комуникација со професорот Јове Кекеновски, еден од основачите на т.н. Форум на слободоумни патриоти, кои се против политиките на актуелното раководство на владејачката партија, пишува МКД.мк

„Бројот на приврзаниците од ден на ден станува сè поголем. Освен старите вмровци, секојдневно ни приоѓаат и од помладите членови на партијата што се незадоволни од политиките на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од Форумот.

Поранешните високи државни службеници на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Димитров, поранешен заменик-министер за надворешни работи и поранешен амбасадор на Македонија во САД и во Холандија, Владимир Лазаревиќ, поранешен заменик-министер за здравство и поранешен советник на Никола Груевски и Перо Димшоски, поранешен заменик-министер за земјоделство, како и државен секретар за евроинтеграции, веќе биле во комуникација со Форумот.

Форумот на слободумни патриоти е неформална организација формирана внатре во ВМРО-ДПМНЕ, која смета дека актуелното партиско раководство катастрофално ги води и државата и партијата.

Од Форумот информираат дека во ВМРО-ДПМНЕ има големи превирања и дека постои незадоволство од раководството на партијата. Кекеновски во неколку наврати повтори дека проблемот е во личната одговорност на поединци и дека партијата треба да се заштити од колективната одговорност кон која ги води моменталното раководство.

Лазаревиќ отворено ја поддржа иницијативата на Кекеновски и потврди дека имаат остварено средба. На прашањето на новинарот во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат дали има јадро во ВМРО-ДПМНЕ што може да се дистанцира од актуелното раководство, Лазаревиќ одговори:

„Се разбира дека има. ВМРО-ДПМНЕ е голема партија и не можете да очекувате дека сите луѓе што гласале за Никола Груевски денес се согласуваат со раководството.“

Овие внатрепартиски струења веќе се наречени „судир на интелектуалното и криминалното крило во ВМРО-ДПМНЕ“.

Во Форумот велат дека безрезервно ја добиваат поддршката од голем дел од старото партиско членство. Освен тоа, од таму велат дека веќе имаат приврзаници и меѓу пратениците и меѓу други високи партиски функционери, кои засега сакаат да бидат анонимни. Една од мерките што ги предлага Форумот, токму за да ја спречи анонимноста на нивните приврзаници, е нивното ветување дека кога ќе ја преземат партијата, нема да важат сите нотарски договори и потпишани меници од страна на пратеници, советници, градоначалници, функционери…. Се работи за меници потпишани на големи суми пари преку кои голем број од партиските функционери ѝ гарантираат лојалност на партијата. На секој член што ќе се обиде да не се согласи со партиската политика и да ја напушти на партијата во моментов ќе му биде покрената меница вредна, на пример, стотина илјади евра, која на времето ја потпишал. За Форумот тие меници потпишани за лојалност на партијата се неважечки, немаат никаква валидност и членовите на партијата не смеат да се уценуваат на таков начин. „Секој оној што навреме ќе се изјасни за доброто на партијата и државата ќе биде прифатен од сите, во спротивно ќе биде соучесник во разградувањето на на партијата и на државата“, велат од Форумот.

За Форумот на слободоумните патриоти се заинтересирале и амбасадорите во Скопје. Тие веќе имале неколку средби со членови на Форумот и сметаат дека нивниот настап е сосема легитимен и демократски како едни од основачите на партијата.

Освен тоа, велат од Форумот, и нивните мерки за излез од кризата биле топло прифатени од амбасадорите на ЕУ, кои гледаат „дека во партијата има и разумни луѓе“.

Во предложените мерки, Форумот предлага Никола Груевски да покаже висок морал и лидерски капацитет и да овозможи одговорност на сите извршители на прекршувањата на Уставот и законите и масовните повреди на човековите слободи и права, како и да ги обезбеди сите услови за правно и политичко расчистување на кризата. Форумот на слободоумни патриоти го повикува членството да ги покрене сите статутарни и политички механизми за расчистување на одговорноста во своите внатрешни редови и да не дозволи целата партија да биде доведена во прашање поради грешките на поединци.

Извор: МКД.мк