Слично како и претходните години невработеноста остана еден од главните проблеми на младите во земјава. Ова многупати е нагласено и од Европската Комисија во Извештајот за напредокот на земјата за 2024 година, во кој што Брисел јасно порача дека следната година РСМ мора да ја спроведе стратегијата за активирање на пазарот на труд за младите
Во тек на 2024 година младинските проблеми добија големо внимание од јавноста во Северна Македонија, но не и решенија. Порталб.мк носи една ретроспектива на она што им се случи на младите во земјава во годината што штотуку ја оставивме зад нас.
Невработеноста, билет во еден правец кон другите земји
Слично како и претходните години невработеноста остана еден од главните проблеми на младите во земјава. Ова многупати е нагласено и од Европската Комисија во Извештајот за напредокот на земјата за 2024 година, во кој што Брисел јасно порача дека следната година РСМ мора да ја спроведе стратегијата за активирање на пазарот на труд за младите. Покрај тоа, младите се соочија и со неможноста да ја извршат праксата во компаниите во земјава. Младите продолжија да ја напуштаат земјата за подобар живот на Запад. Во 2024 година Порталб.мк спроведе aнкета за заминувањето на младите од Северна Македонија. Причините за заминување беа различни, но како главни беа истакнати корупцијата, политизацијата, непотизмот, здравството, ниските плати и нискиот стандард и други.
Насилство, малтретирање, дрога, коцкање…
Во 2024 година слушнавме за десетина различни девијантни однесувања кај младите и учениците. Една третина од младите луѓе во РСМ доживеале онлајн насилство во 2024 година, пренесе вака УНИЦЕФ преку нивната анкета „U-report“. Друг извештај на Тинк-Тенк Аналитика покажа дека жртви на сајбер-насилство се половина од средношколците во Северна Македонија, а дури половина од нив поради страв не го пријавиле насилството. Наставниците предупредија за леснотијата со која учениците се спреми да кренат или веќе кренале рака врз нивните врсници. За насилството меѓу младите предупреди и OБСЕ. За тоа дека сајбер насилството и сајбер булигот остануваат проблем беше нагласено и во многу други истражувања. Загрижувачки беа и податоците од институциите и експертите за насилството во училиштата во 2024 година. Поради тепачките меѓу учениците имаше апсења на млади лица.
Употребата и продажбата на наркотичните средства од страна на учениците беше уште еден проблем за кој постојано се дискутираше. Истражувањето на ХОПС – Опции за здрав живот Скопје покажа дека половина од анкетираните млади лица користат психоактивни супстанци при вечерните излегувања. За многу млади во 2024 година проблем беше и зависноста од коцкање. Ова, со статистики го потврди и истражувањето на ХОПС и разни други извештаи.
Еден ТикТок предизвик, многу повредени ученици
Кон крај на 2024 година десетина ученици завршија во болница со физички повреди поради предизвикот „Супермен“ на социјалната мрежа ТикТок. И во минатото, младите завршуваа во болница со повреди поради различни предизвици на ТикТок. Но, институциите во земјава не планираа рестриктивни мерки за оваа социјална мрежа.
Стратегии за менталното здравје за младите
Менталното и сексуалното здравје во РСМ останаа табу теми за учениците, и покрај тоа што граѓанскиот сектор преку разни дебати се обидуваше да отвори дебата за нив. Сеопфатното сексуално образование не беше вклучено во училишните програми ниту минатата година. Во текот на 2024 година, земјата ја усвои новата Национална стратегија за ментално здравје на младите 2024/26, која содржи акционен план со низа мерки, активности, одговорни институции и конкретни рокови. Но, оваа стратегија ќе функционира само ако институциите ја вршат својата работа. Една лоша вест од областа на здравството е и информацијата дека во последната деценија е зголемен бројот на млади кои боледуваат од срцеви заболувања.
Избори има, решенија не
Во 2024 година земјата имаше парламентарни избори, политичките коалиции и политичките партии ветија многу за младите во кампањата и во нивните изборни програми, но како што се гледа овие шест месеци, новата влада не прави многу за подобрување на условите и за решавање на проблемите на младите. По парламентарните избори Агенцијата за млади и спорт се трансформираше во Министерство за социјална политика, демографија и млади, што беше поздравено од мрежата на младинските организации. Претседателските избори се одржаа во 2024 година, но младинските прашања беа многу малку застапени во претседателската кампања. По изборите, претседателката го формираше Советот за млади. Меѓутоа, и во 2024 година, младите во земјава го повторија ставот дека политиката не е само работа на политичарите.
Националниот младински совет во својата aнализа истакна дека суштинската вклученост на младите во креирањето на јавните политики е реткост. Слично на тоа, истражувањето на Форумот за промени во образованието покажа дека младите се жалат за нивната невклученост во политиката. Незадоволството на младите од процесите на одлучување во земјава го покажа и извештајот на ОБСЕ. И во минатата година, четири години по неговото усвојување, Закон за младинско учество и младински политики не беше доследно спроведен. Порталб.мк во неколку наврати го следеше спроведувањето на некои негови одредби, при што многу општини не ги исполнија своите законски обврски. Многу институции, и централни и локални, не исполнија многу ветувања за младите. Европската младинска карта остана илузија и во 2024 година.
Студентите во РСМ се соочуваат со многу проблеми
Во учебната 2023/24 година имаше едно благо намалување на бројот на студентите. Но, тоа не е се. Студентите се соочија со најразлични проблеми. Студентите во 2024 година беа финансиски „злоставувани“ поради многубројните и високи трошоци. Тоа беше докажано неколку пати, и преку истражувањата, но и преку директните поплаки на студентите и студентските собранија. Дел од вниманието добија и многуте проблеми со меѓуградскиот превоз. Универзитетското собрание на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ побара да продолжи мерката за субвенционирање на меѓуградскиот превоз за студентите. Студентите постојано се жалеа за високите цени на билетите за меѓуградскитете линии, и и минатата година немаше намалување на цената на билетите за меѓуградски превоз. Во 2024 година проблем со превозот имаа и учениците и студентите во Скопје.
Сексуалното вознемирување од страна на професорите од Универзитетот во Тетово, Универзитетот Мајка Тереза и Универзитетот на Југоисточна Европа во Северна Македонија, исто така, беше проблем кој привлече внимание и за кој известуваше Порталб.мк. Проблемите со студентските домови продолжија и во 2024 година. Студентскиот дом „Стив Наумов” беше затворен и нема да функционира се додека не заврши неговата реконструкција. Студентскиот дом „Пелагонија“ остана во многу лоша состојба. Студентите од Студентскиот дом во Тетово продолжија да се жалат дека немаат менза. За сите овие проблеми учениците не молчеа, туку преку различни активности цела година aпелираа за да се решат нивните проблеми. Важен момент во историјата на студентите оваа година беше тоа што за прв пат во РСМ во текот на 2024 година се одржа Првиот национален студентски форум во организација на Форумот за промени во образованието. Во оваа насока формирано е и Националното студентско тело во кој учествуваат претставници од седум универзитети.
Министерството за образование и култура продолжи да дели стипендии за студенти и во 2024 година. Почна и примената на субвенционираниот студентски оброк, но студентите побараат оваа мерка да биде поефективна. Форумот за промени во образованието неколку дена пред крајот на годината ја предложи иницијативата за субвенциониран меѓуградски превоз за студентите кои студираат надвор од нивниот роден град.
Не беше се толку црно
Во тек на 2024 година Скопје ги започна подготовките за да се кандидира за Европска престолнина на младите. Но, еден месец пред крајот на годината Националниот младински совет ја прекина соработката со Град Скопје, бидејќи како што рекоа, оваа институција не е посветена на младите.Во 2024 година државата преку неколку различни мерки понуди помош во повеќе области како што се: земјоделието, технолошкиот развој, уметноста и други. Покрај државните институции и меѓународните организации понудија финансиска поддршка за младите и младинските организации. Младите беа дел од многу активности и организирања во и надвор од земјава: работилници, саеми на кариерата, дебати, размени, обуки, награди, стипендии, финансиска поддршка, стратегии, патувања.
Младите иноватори од земјава ја произведоа мобилната апликација за помош на лицата со дијабет. Многу млади лица добија бројни награди во земјава, регионот и светот. Фондацијата Метаморфозис беше многу активна, се оддржаа низа обуки со млади од областа на новинарството. Се оддржаа и дебати и дискусии на разни теми. Исто така, во тек на претходната година Порталб.мк континуирано известуваше за проблемите на младите. Во 2024 година почна и една серија на подкасти OpenMic, која послужи како еден прозорец за многу младински прашања.