По наредба на АХВ повлечен спорниот замрзнат зеленчуков микс од КАМ МАРКЕТ во кој беше пронајден мртов глушец

0
304

Поради сомнеж за физичка контаминација ( присуство на страно тело – глушец) во замрзнат зеленчуков микс “Сани фантази- Царски микс” по потекло од Република Србија, увезен од КАМ ДООЕЛ, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде забрана за промет на овој производ и нареди негово повлекување од рафтовите на КАМ маркетите на цела територија на државава. Издадена е наредба на операторот со храна да изврши сопствена проверки на секоја серија/лот од овој производ, во сите маркети каде е пласиран овој производ, на територијата на цела држава.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николе Бабовски потенцира дека АХВ ќе изврши вонредни инспекциски надзори и ќе провери дали пласираните количини од овој производ се повлечени од малопродажната мрежа. Извршени ќе бидат и органолептички прегледи на одредени примероци, од секоја серија/лот на овој производ. Примероци за контрола на микробиолошките критериуми за безбедност на производот ќе бидат испратени за лабораториско испитување.

Агенцијата за храна и ветеринарство ги известува потрошувачите доколку купиле ваков производ, пред консумација внимателно да го отворат и прегледаат и доколку утврдат присуство на страни тела, истиот производ да го вратат на местото на купување и за тоа да ја известат АХВ.

За случајот кој беше објавен викендов на социјалните мрежи, до Агенцијата не е поднесена претставка. Како одговорна институција за безбедноста на храната, апелираме ваквите случаи место на социјалните мрежи, да се пријавуваат кај надлежните институции. Ги потсетуваме граѓаните дека секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната можат да ја пријават до Агенцијата за храна и ветеринарство, лично, писмено, електронски на и на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22.