До крајот на август работни групи во кои ќе партиципираат четирите најголеми партии (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА) треба да усогласат какви законски и кадровски промени ќе има во однос на Државната изборна комисија, на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на Македонската радиотелевизија, на Државната комисија за спречување на корупцијата, на Управата за јавни приходи и на Бирото за јавна безбедност.
Со измените треба да се зголеми независноста на овие институции, што ќе се одрази и на демократизацијата на општеството. Меѓу партиските членови во работните групи (кои се веќе оперативни) посредува белгискиот експерт Питер Ванхоуте. Насоки кон што треба да води работата на групите се содржани во Договорот од 2 јуни и во извештајот на Рајнхард Прибе.