ПОЧНА СЕДНИЦАТА ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ВЛАДАТА, 64 ПРАТЕНИЦИ ГЛАСАА ЗА ДНЕВНИОТ РЕД

0
326

Собранието попладнево ја започна седницата за реконструкција на Владата. На дневен ред на 104. седница се Предлогот за разрешување на членови на Владата, Предлогот за избор на членови на Владата, Предлогот за разрешување на заменици на министри и Предлогот за именување на заменици на министри.Дневниот ред на седницата е усвоен со 64 гласа „за“, од 115 присутни пратеници. Против и воздржани немаше.Премиерот Димитар Ковачевски ја користи деловничката можност да се обрати пред пратениците, потенцирајќи ја потребата за стабилност и за врвните интереси на државата. Ковачевски на почетокот на седницата изрази сочувство за загубите на човечките животи во земјотресите во Турција и Сирија.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски во процедурална забелешка рече дека врз основа на член 221 од Деловникот, на дневниот ред разрешувањето на министрите требале да бидат поединечно, најавувајќи дека пратениците од опозицијата активно ќе дискутираат на седницата.Со реконструкцијата во Владата на премиерот Димитар Ковачевски влегува Алијансата за Албанците, а неа ја напушта Алтернатива.

Претпладнево на седница на Собранието беа констатирани оставките на сега веќе поранешните министрите за правда Никола Тупанчевски и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, а во рамки на 104. седница останува да бидат разрешени тројцата министри од Алтернатива – за здравство Беким Сали, за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и Џемаил Чупи, министер без ресор задолжен за дијаспора, кои најавија дека нема да присуствуваат на заседанието.Нови министри ќе бидат Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација, сите тројца од редовите на АА, како и на Каја Шукова од СДСМ за животна средина и просторно планирање.