Триесет и едногодишна жена од Куманово синоќа починала на Одделението на гинекологија и акушерство во Општата болница во Куманово, при породување.
Почина родилка во Кумановската болница
Жената била во 9 месец од бременоста, и завчера дошла во болницата откако и почнало породувањето, вчера попладне состојбата нагло и се влошила и таа ненадејно починала. Ова е било втора бременост.
„Родилката завчера е примена со прснат водењак, со отпочнато породување и слаби контракции. До вчера е чекано е да се добијат спонтани контракции и по природен пат да продолжи породувањето. Откако тоа не се случило, отпочнати се стимулации при што нагло и престанала срцевата работа, немала притисок, викнат е анестезиолог за реанимација но без резултати. Веднаш е однесена во операциона сала за да се извади плодот. Бебето е живо, и итно е однесено на Детската клиника во Скопје“, изјави д-р Стефан Трајановски, директор на Кумановската болница.
Случајот во полицијата и обвинителството го пријавил директорот, по што е направен увид на лице место. Телото на родилката е предадено на обдукција.
„Породувањето го вршеле двајца дежурни лекари, била присутна и екипа на анестезиолози. Можам само да кажам дека кај родилката бил утврден гестатицки дијабет. Истрагата ќе ги даде одговорите, и треба да утврди дали има лекарска грешка при породувањето или не, бидејќи се работи за ненадејна смрт од неутврдена причина“, додава Трајановски.
Од Кумановската полиција соопштија дека на 27 септември во 21.35 часот, директорот на Општа болница Куманово пријавил дека на Одделението за гинекологија во болницата починала 31 – годишна родилка од Куманово. Увид извршиле екипа од СВР Куманово и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатата било дадено на обдукција.