ПОТОП ЗА ПРОРУСКИТЕ СИЛИ НА БАЛКАНОТ – КОВАЧЕВСКИ КАЖА ,,НЕ” ВО БРИСЕЛ ЗА ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ

0
1572

„Што се однесува до францускиот предлог му заблагодарувам на претседателот Макрон за неговата посветеност и напорите да се најде решение но предлогот во сегашната форма не е прифатлив за мене, за Владата, претседателот на државата, за другите институции како и за сите граѓани во Република Северна Македонија“, изјави пред малку во Брисел македонскиот премиер Димитар Ковачевски на прес конференцијата по состанокот ЕУ – Западен Балкан.

Премиерот сепак остави простор предлогот да се доработи до крајот на француското претседателство, според македонските предлози.

Тој уште еднаш ги повтори црвените линии кои вчера ги објави на Фејсбук, чиста формулација за македонскиот јазик, јасна заштита на македонскиот идентитет, историските прашања да не бидат критериуми во преговарачката рамка, a преговорите со ЕУ да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот.

„Сите 27 лидери кои се приклучија, влегоа гордо со сите свои културни и лингвистички различности. Ништо повеќе од ова не бараме ни ние. Почит за лингвистичкиот, културниот и историскиот идентитет на мојот народ“, рече Ковачевски.

„На самитот денес изразив незадоволоство од пристапот. Македонија е кандидат веќе 21 година. Ќе бидам директен уште веднаш. Губиме драгоцено време. Ова е сериозен удар врз кредибилитетот. Не смееме да дозволиме билатералните прашања да станат мултилатерален проблем. Бугарија од друга страна реши да се стави во минатото и повторно да поставува услови. Ова на никој не му одговара, освен на трети страни. Македонија направи многу. Време е ЕУ да испорача“, порача македонскиот премиер.

Извор : НоваТВ