Поршето паркирано во Дебар Маало не е на полицаец, туку е во сопственост на Срѓан Керим, ексминистер за надворешни работи, амбасадор на Македонија во Обединетите нации и во Германија, објави „Скопје 1“.
Тие го исконтактирале Керим кој изјавил преку СМС порака:
Нема потреба од никакви коментари. Постапено е според позитивните прописи што важат во вакви случаи.
На социјалните мрежи се појави снимка како има проблем возилото непрописно паркирано да се отстрани. Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, се огласи по снимката на социјалните мрежи каде се гледа како пајак службата и полицаецот не креваат непрописно паркирано возило.
Во однос на ова видео кое се шири по социјалните мрежи, крајно некоректни и манипулативни се обидите од некои медиуми да се префрли одговорноста на Пајак службата која професионално си ја врши работата. Отстранувањето на непрописно паркираните возила е по налог на службено овластено лице. Во случајов нашите вработени воопшто не го стопираат кревањето, туку едноставно чекаат налог од страна на службеното лице, полицаец. По добивање на истиот веднаш постапуваат и го креваат возилото.
Тоа впрочем и го објаснува службеникот од ПОЦ во самото видео. Благодарност до екипите на ПОЦ кои неуморно работат на санкционирање на несовесни возачи. Ја поздравувам и активноста на граѓаните кои бараат санкционирање на сите оние коишто со своите возила ги блокираат улиците и велосипедските патеки во Центар. Истовремено, недозволиво е полициски службеник да не сака да си ја врши својата работа. Барам од МВР да ги санкционира полициските службеници кои не постапуваат при очигледни прекршоци. Недозволива е селективноста при казнување на граѓаните, напиша Герасимовски.