„Порано ме тепаше, но сега не е физички насилен, само седи пред дуќанот и игра карти“

0
552

av2a01-540x352

Неодговорност на надлежните институции, запоставување на маргинализираните и социјално загрозените луѓе се некои од клучните проблеми во Македонија денес… и во секојдневието на Ива, мајка на три деца од село во источна Македонија.

Разведена, но, како што вели, поради лошата финансиска состојба приморана да се врати во куќата на својот поранешен сопруг, живее „од денес за утре“ и се обидува да заработи за да ги прехрани и образува своите деца.

– Се разведовме. Порано ме тепаше, но сега не е физички насилен. Само постојано седи пред локалниот дуќан и игра карти. Не го интересираат децата. Не носи пари. Ниту храна. Се е на мене – вели таа за Либертас раскажувајќи за своето тешко секојдевие.

Ива, заедно со своите две ќерки порано го напуштила поранешниот сопруг, но поради тешката фнансиска состојба била принудена да се врати во неговиот дом. Вели дека условите за живот се многу тешки.

– Нема дрва за греење. Има влага. Немам пари за облека и за книги и тетратки за децата – вели таа. Порано дбивала социјална помош. Но откако нашла работа и била прекината. Сепак, како што вели „газдата“ четири месеци не и дал никаква плата.

Порано подигнала кредит од банка, но сега бидејќи не добива плата не е во можност да ги отплаќа ратите.

– Барав еднократна социјална помош, но не ми ја одобрија – вели таа.

Тешките услови за живеење, влагата во домот биле причина поради која двете ќерки и се разболеле од бронхитис и морала да ги носи во болница.

– Немам со што да платам. Сепак ги однесов во болница. Лекарите ми рекоа дека не смеат да останат во овие услови. Не знам како ќе платам, но сепак ги однесов – вели таа.

Нарушените семејни односи продолжуваат и во релацијата помеѓу децата. Таа вели дека нејзиниот син е физички насилен врз двете помлади сестри.

Откако Либертас се обрати во Центарот за социјални грижи под чија надлежност е случајот на Ива и информиравме за нејзините болни ќерки ни рекоа дека не можат многу да преземат, бидејќи станувало збор за семејство со нарушени односи, но дека Ива секогаш повторно се враќала кај поранешниот сопруг.

– Ќе пратиме екипа и ќе провериме каква е состојбата – ни одговорија кратко.

Во судски спор со газдата за неисплатените плати, како и со банката за задоцентите рати од кредитот Ива е збунета и не знае во која насока ќе се движи нејзиниот случај.

– Пред некој ден ми се јавија. Имало некаква работа за мене во селото. Ќе одам деновиве да проверам – ни рече таа.