ПОРАНЕШНИОТ ДИРЕКТОР НА ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА, ТЕХНИЧКИОТ ДИРЕКТОР И ЕДЕН ДОКТОР – ОБВИНЕТИ ЗА ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА ВО КОЈ ЗАГИНАА 14 ПАЦИЕНТИ

0
209

Пожарот во модуларната болница во Тетово на 8 септември лани во кој имаше 14 жртви стигна до суд. Тетовското Основно јавно обвинителство (ОЈО) поднесе обвинителен предлог против три физички лица и едно правно лице.

Кои се лицата и дали правното лице е болницата во Тетово, засега не се открива од тетовското обвинителството. Но, она што е познато е кривичните дела за кои тие се гонат.

Прво и второобвинетиот, како што велат од ОЈО Тетово, се товарат дека сториле по едно кривично дело тешки дела против општата сигурност, додека третиот е обвинет за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

Правното лице, пак, се гони за споменатите две кривични дека: предизвикување општа опасност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

Од загинатите лица во катастрофалниот пожар лани, 12 беа пациенти, а двајца беа роднини на хоспитализираните.

Во истрагата покрај обвинители од Тетово учествуваа и нивни колеги од Скопје, а за случајот беше побарана и меѓународна помош од германски експерти за вештачење. Исто така, имаше и вештачење од техничките факултет за електричната инсталација.

Во извештајот, пак, кој за околу еден месец по трагедијата го објави МВР се тврдеше дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилаторот со кој се вршела реанимација на пациент во една од собите. Прегревањето на кабелот, пишуваше во извештајот, предизвикало палење во приклучната кутија од продолжениот кабел на кој покрај дефибрилаторот биле приклучени и полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.