ПОРАНЕШЕН ОПШТИНСКИ СОВЕТНИК, ЧЛЕН НА ГРУПАТА ГРЧЕЦ БАРАЛ ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ПРИТВОР – ВРХОВЕН МУ ЈА ОДБИ ЖАЛБАТА

0
96

Поранешен советник во општината Шуто Оризари од редовите на, сега веќе разделената партија, Алијанса за Албанците кој беше уапсен во полициската акција во којашто се апсеа членови на криминалната група Грчец, поднел жалба и барал од Врховниот суд да му биде укинат притворот. Советот за казниви дела при Врховниот суд одржал јавна седница на ден 12 јуни и ја одбил неговата жалба, што значи дека тој останува во притвор.

-Советот за казниви дела при Врховниот суд, донесе решение ВКЖ1-29/24, со кое жалбата на обвинетиот С.А., изјавена против решението за продолжување на мерката притвор на Апелациониот суд Скопје КСЖ-469/24 од 21.05.2024 година, во кривичниот предмет што се води против обвинетиот поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ од член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, ја одби како неоснована и обжаленото решение во целост го потврди, се вели во соопштението на Врховниот суд.

Кога беше спроведена полициската акција на крајот на јануари, годинава, „Фокус“ објави дека меѓу уапсените е и Севдаир Азири советник во општина Шуто Оризари. Акцијата беше насочена кон членови на криминалниот клан од Грчец, поврзан со трговија со дрога и убиства. Дел од групата завршија во притвор, додека главниот осомничен, водач на групата, Шеваљ Муареми се уште е во Дубаи и не е екстрадиран.