ПОРАДИ ПАРИ ЗГАСНАА ДВА ЖИВОТИ, СПОРЕД ЌЕРКАТ НА ФРИЗЕРОТ УБИЕНИТЕ ВАЊА И ПАНЧЕ НЕ СЕ ПОЗНАВАЛЕ

0
1071

Вања Ѓорчевска, 14-годишното девојче за кое Македонија се молеше цела недела да биде најдена жива и здрава, денес беше пронајдена мртва во околината на Скопје.

Според МВР, таа била убиена истиот ден кога исчезна, на 27-ми ноември, околу 10 часот, односно по околу дваипол часа од исчезнувањето.

Од страна на истите убијци настрадал и велешкиот фризер Панче Жежовски (74), и неговото тело денес беше пронајдено во Велес.

Информацијата ја потврдија од МВР, појаснувајќи дека мотивот за двете убиства, извршени од истите убијци е користољубие.

Вања и Панче никогаш во животот не се познавале, ниту пак се сретнале. Тоа за „Фокус“ го откри неговата ќерка Македонка.

Во телефонски разговор, таа тврди дека ниту таа, ниту пак било кој од нејзиното семејство ја познавал Вања или некој од нејзиното семејство.

– Ниту татко ми, ниту било кој од нас го познавал девојчето лично. Јас сум во полициска станица, уште не знам ништо, освен тоа дека татко ми бил пронајден мртов, закопан. За тоа дека мотивот за убиството бил користољубие, првпат слушам од вас, од новинарите. Не сум го прочитала соопштението од МВР, но можам да кажам дека татко ми никогаш не бил богат човек, затоа и терминот користољубие не знам што значи. Во станица сум, не можам ништо повеќе да кажам, бидејќи и јас немам детали – истакна ќерката.

Како потсетување, Панче го немало од 22-ри номеври, од средата, но исчезнувањето било пријавено во полиција на 24-ти ноември, во петокот. Неговиот автомобил беше пронајден целосно опожарен пред неколку дена во скопско.

Како што дознава „Фокус“, и телото на Вања, која била убиена од истите лица како и Панче, било закопано, во околината на Скопје. Околу мотивот – користољубие, кој е наведен во соопштението на МВР, а кој предизвика бурни реакции од јавноста која бара објаснување, за какво користољубие може да станува збор кога се работи за дете и за пензионер, првичните неофицијални информации се дека станувало за обид да се дојде до пари од родител на Вања, во нејзиниот случај, а пак во случајот со Панче, да се дојде до пари од лица поврзани со него.

Повеќе детали за јавноста ќе следат од страна на обвинителството, најверојатно во тек на утрешниот ден.

Според МВР, во врска со двата случаи, осомничени се пет лица, од кои за три се бара мерка притвор, едно е надвор од државата, а едно лице во моментов е во полициска станица.

По објавата на веста која ја потресе цела земја, на социјалните мрежи веќе е покрената петиција со која се бара смртна казна за убијците кои кренаа рака на дете. Со цел да не се шират шпекулации за случајот, актуелни се и апелите до надлежните служби веднаш да излезат со темелни детали за трагедијата која предизвика револт, вознемиреност и страв кај народот.

Вики Клинчарова

Извор : Фокус.МК