ПОРАДИ ДОЛГ ОД 1 МИЛИЈАРДА ЕВРА, БАРСЕЛОНА ГО ПУШТИ МЕСИ ДА СИ ЗАМИНЕ ОД КЛУБОТ ВО КОЈ ИГРАШЕ 20 ГОДИНИ!

0
578

Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Аргентинецот Лионел Меси (34), по повеќе од 20 години минати во каталонскиот фудбалски гигант „Барселона“ заминува од клубот поради финансискиот „фер-плеј“.

„Барселона“ во четвртокот вечерта објави дека нема да потпише договор со клупскиот капитен поради „економски и структурни пречки“.

На Меси во јуни му истече договорот со „Барселона“ и како слободен играч можеше да побара нов клуб, но желба на двете страни беше да ја продолжат соработката и аргентинскиот фудбалер да остане во клубот во кој дојде на 13-годишна возраст. За таа цел, Меси се согласи на двојно намалување на платата, а даде и согласност „Барселона“ да го усогласи неговиот нов договор со правилникот за финансиски „фер-плеј“ на Ла Лига.

Сепак, тоа на крајот се покажа како неизводливо поради енормно високиот долг на „Барселона“, кој изнесува повеќе од една милијарда евра.

– И покрај тоа што ФК „Барселона“ и Лионел Меси постигнаа договор и двете страни имаа јасна намера да потпишат нов договор, тоа не може да се случи поради финансиски и структурни пречки. Како последица на оваа ситуација, Меси нема да остане во „Барселона“. Двете страни длабоко жалат поради тоа што желбите на играчот и на клубот на крајот нема да бидат исполнети. „Барселона“ изразува огромна благодарност до играчот за неговиот придонес и му посакува сè најдобро на личен и професионален план – соопшти клубот „Барселона“.

Меси во „Барселона“ дојде на 13-годишна возраст и дебитираше за првиот тим во 2004 година.

Во дресот на каталонскиот клуб Аргентинецот одигра 778 натпревари и постигна рекордни 672 голови во сите натпреварување.

Маси со „Барселона“ освои десет шампиони титули во Шпанија, седум трофеи во шпанскиот куп и четири во Лигата на шампиони.