Поповски : Признанието на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека се јавил кај човекот кој е дел од истрагата за теретаната и дека неговиот телефонски број го добил од Наќе Чулев го поткопува целиот систем во МВР!

0
1101

На одреден начин јавноста треба да му се заблагодари на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, што демитологизира дел од приказните како функционира политиката во оваа земја. И што со таа демитологизација, всушност, ја потврди реалноста на митовите. Освен нему, јавноста треба да му заблагодари и на првиот човек на СДСМ, Зоран Заев, за начинот на кој ја соголи замислената аура на политичарите.

Драматургијата со која Мицкоски вчера, петок, објави дека навистина се јавувал во МВР околу истрагата за тоа од кога потекнува неговата снимка од теретаната, требаше да ја намали политичката штета, откако обвинувањата станаа преголеми и за него, неговата партија и техничкиот министер за внатрешни работи, па дури речиси и неиздржливи. За такво признание навистина е потребно некакво драматуршко крешчендо, кое Мицкоски се обиде да го направи со обелоденувањето на смс-пораката до дополнителниот помошник-министер надлежен за внатрешната контрола: „Здраво. Би сакал да се слушнеме. Христијан Мицкоски!“

Извичникот за името Мицкоски, а не зад поздравот „Здраво“, веројатно би требало да значи дека неговото име би требало да одекнува посилно кај примателот на пораката. Тој бил нестрплив што поминале неколку дена „откако излезе таа таканаречена афера со оние обоени ракавици (министерот Чулев тврдеше дека тоа било ‘отсјај’ – н.з.)“, а кога таа преку партиската пропагандна машинерија не можела да биде запрена, тој решил да му се јави на министерот за внатрешни работи за да го добие телефонскиот број на „именуваното лице“ и да ја преземе иницијативата за брзо разрешување на случајот во свои раце „според закон и да бидат запазени сите процедури“. Нормално, за да биде докажана неговата невиност и потоа да се осуди фабрикувањето на аферата од страна на неговите политички ривали.

Ова изгледа како нормално објаснување на човек кој западнал во неволја, бидејќи стратегијата на политичкиот противник „ќе го наруши мојот рејтинг, мојот имиџ во јавноста“, да се спаси она што може да се спаси и ако може фортуната да се сврти на негова страна. Но тоа само изгледа како нормално однесување на човек во неволја, но е ужасно неприкладно за човек кој претендира да биде новиот премиер. Со ова признание тој стави во исклучително подредена улога еден министер во владата (па макар бил предлог од неговата партија) да мора беспоговорно да ги следи барањата на вмровскиот лидер и да оддава телефонски броеви за да може Мицкоски да интервенира за побрзо завршување на постапката.

Политичка бруталност

Не би знаеле да кажеме дали Мицкоски доволно ги пресметал сите елементи за едно вакво признание и можните далкусежни последици во вмешувањето во една полициска истрага и тоа само како лидер на опозицијата, а не како човек кој би ги имал лостовите на власта. За многумина ова признание делува како предупредување што би правел Мицкоски доколку еден ден стане премиер, па тогаш ќе има уште поголема слобода да се јавува до разни комисии „да се постапува според закон“. Ова негово јавување е особено проблематично кога последниве неколку години неговата партија и тој самиот постојано зборуваат дека од МВР треба да се тргнат рацете на политиката и тоа да биде независен орган кој ќе им служи и ќе ги заштитува граѓаните.

Ова соголување на „политичката бруталност“ (ако така може да ја оквалификуваме) ја изнесе на виделина технологијата на политичарите (колку и да е Мицкоски нов во политиката). Изгледа запрепастувачки леснотијата со која Наќе Чулев му го дал на партискиот лидер телефонскиот број на еден од неговите помошници (бидејќи Мицкоски не го познавал „органограмот“) без да размисли за последиците на тој чекор. Тоа може да имплицира дека Чулев ќе му ги даде на Мицкоски сите телефони на луѓето од МВР коишто тој ќе ги побара, наместо да ја штити независноста и интегритетот на вработените во нивното извршување на задачите. Ова е драматично потклекнување на Наќе Чулев, без оглед на неговите постојани тврдења дека работел независно. Кој знае против колку луѓе МВР води истрага во моментов и ако тој на секого му го дава телефонот на неговите помошници или инспектори за да може директно да интервенира за забрзување на некаков случај, тоа може да доведе до демонтажа на системот во Министерството за внатрешни работи. Чулев, ако сакал да го задржи својот дигнитет и самопрокламираната независност, едноставно требало да му рече на партискиот лидер – „Не, господине Мицкоски, оставете ја комисијата да си ја заврши својата работа и не би требало да се мешате во тоа“. Но тој посакал да се стави на услуга по „отсјајот“ на рацете како што рече, или „обоени ракавици“ (како што објасни Мицкоски).

Дали поради политичка наивност, дали поради моќта на функцијата што ја има и мисли дека таа му дозволува и работи што не се дозволени, Мицкоски на прес-конференцијата уште изјави дека „секогаш кога ценам дека има сторена неправда, злоупотреба, основано сомнение за кривично дело и се нанесува неправда како во случајот што ми беше нанесена мене ,јас ќе се јавам онаму каде што ценам“. Пред извесно време во гостувањето во емисијата „Заспиј ако можеш“ на телевизија Алфа, објаснувајќи за одредени истраги тој изјави: „Ние сме политичари и кога директно би се замешале во таа работа тоа ќе покаже дека не сме поразлични од овие претходните“. За во истата емисија да каже и сосема спротив став: „Дури и си дозволив да се јавам кај едно од одговорните лица и да побарам што е можно побрзо да се истражи тој случај“.

Љупчо Поповски, Дојче Веле