Партијата на обединетите пензионери и граѓани на Македонија (ПОПГМ), е вознемирена поради постапките на владејачката гарнитурас о кои, како што нагласува, неосновано ја минимизира одговорноста и со непримерни заклучоци, попречува да отпочне постапка за утврдување на морална, политичка и кривична одговорност на дополнителниот заменик министер во МТСП Диме Спасов во врска со неговото однесување и постапки во петокот вечерта.
„За ПОПГМ случајот со дополнителниот заменик министер во МТСП Диме Спасов, како врв на леден брег, повторно го покажува и потврдува сознанието дека носителите на државни функции на сите нивоа во Република Македонија во целиот десетгодишен период на владеење на ВМРО – ДПМНЕ до крајни граници, дрско и безобѕирно ги злоупотребуваат и пустошат сите ресурси на државата како да се нивни „воен плен“, а не сопственост на граѓаните на Република Македонија. Затоа ПОПГМ бидејќи не очекува Диме Спасов да поднесе оставка, бара од надлежните државни органи итно, согласно со своите законски овластувања и во законски пропишана процедура веднаш, да ги преземат сите дејствија за квалификација на постапките и дејствијата на Спасов, но и на другите функционери кои се поврзани со случајот, во смисла на постоење и докажување на сомневањата за сторени прекршоци и кривични дела, итно да ги процесираат пред надлежните судови и така да доведат до утврдување на законска одговорност и нивно разрешување од функциите“, се наведува во соопштението.