Полициски инспектори се закануваат со притвор за битолските демонстранти од „Шарената револуција“

0
1362

Ако одиш на протести и ако ја шараш Општината, ќе те притворам“. Вака инспектор од СВР Битола му се заканил на тутунарот Кире Неделковски, кој денеска беше повикан на распит во полиција.

Неделковски, кој во 2010 и во 2011 година беше водач на протестите на тутунарите, тврди дека на информативниот разговор во полиција денеска добил директни закани дека ако продолжи да учествува на протестите на „Шарената револуција“, ќе биде притворен.

– Инспекторката ме праша зошто протестирам, што интерес имам од тоа и дали сакам случајно Заев (Зоран Заев, лидер на СДСМ, н.з.) да го збогатам. Јас ѝ кажав дека протестирам бидејќи сум незадоволен од оваа власт, од она што го направи Талески, од аболицијата и од случувањата во земјава воопшто – изјави Неделковски за „Мета“.

Инспекторката му посочила дека тој е осомничен за шарање на зградата на Општина Битола, која била под заштита како објект од културно и историско значање, и дека ќе одговара пред законот ако продолжи со такво однесување.

На распит во полиција денеска се повикани уште дузина битолчани учесници во протестите, мажи и жени, а меѓу нив е повикан и млекарот Душко Илиевски, кој тврди дека не само на распит кај инспектор, туку бил повикан и на разговор кај еден од началниците во СВР Битола.

Меѓу повиканите во полиција е и еден од највидните активисти на „Битолското движење“, Иван Чулаковски, кој пред извесно време го посипа градоначаланикот Талески со лажни банкноти од 360.000 евра.

За активистите од „Битолското движење“ ова е уште еден обид на власта да ги заплаши граѓаните да се откажат од протестите за оставка на градоначалникот Талески и за укинување на селективната аболиција на претседателот Иванов.