ПОЖАРОТ ВО ПЕХЧЕВО СЕ УШТЕ АКТИВЕН, ОКОЛУ 200 ЛУЃЕ ПРАВАТ НАПОРИ ИСТИОТ ДА БИДЕ СТАВЕН ПОД КОНТРОЛА

0
74

Четврти ден гори Буковиќ, врвот на планината Влаина во Пехчево. Борбата со огнените јазици започна во неделата. Од пожарот настрадаа и туристички локалитети кои беа неизбежен белег на Пехчево за посета на туристите. Според информации на Доброволното противпожарно друштво ,,Пехчево”, добра вест е што во моментот се задава крајниот удар пожарот да биде ставен под контрола.

-Пожарот е со смален интензитет, па да се надеваме дека до крајот на денот ќе биде локализиран, се вели во информацијата од ДПД ,,Пехчево”.

Во гаснењето на пожарот пожарникарите имаа хеликоптерска и поддршка од ер-трактори.

-Исто така мештаните имаат голема волја да се изгасне пожарот. На терен имаме околу 200 луѓе кои вчера и денес го гаснеа пожарот. Некои делови што беа опожарени се санирани, но се уште гори и пожарот не е под контрола, истакна градоначалникот на Пехчево, Александар Китански. Според него, ако Пехчево важеше за место каде туристите доаѓаат во летниот период да се оладат и да дишат чист воздух, со овие пожари како што додава Пехчево остана без белодробното крило.

-Ако пред две три години изгоре едното белодробно крило, сега изгоре и второто белодробно крило, така што штетите се ненадоместлива. Изгоре голема површина на борова шума, додава Китански.

Упати благодарност до противпожарните единици од Кавадарци, Пехчево, Берово, Делчево, Кочани, Виница како и доброволните друштва од овие градови како и до сите релевантни институции кои несебично се залагаат да го изгаснат пожарот над Пехчево кој се уште е активен.