ПОВИСОКА ОТКУПНА ЦЕНА НА ДОМАТИТЕ ВО СТРУМИЧКО ДОГОВОРИЈА ДОПОЛНИТЕЛНИОТ ЗАМЕНИК-МИНИСТЕР ТРИПУНОВСКИ И ОТКУПУВАЧИТЕ

0
103

Доматите наредната недела да се откупуваат по цена од 30 и 35 денари за килограм, а инспекторите да ги засилат контролите на откупните пунктови, се договорија откупувачите и дополнителниот заменик-министер за земјоделство Цветан Трипуновски, откако производителите од Струмичко три дена протестираа за ниските откупни цени.

„Откупувачите дадоа цврсти гаранции дека од понеделник идната недела, откупната цена на црвениот домат нема да падне под 30 и на розевиот домат под 35 денари. Се договоривме ова да не биде само декларативно, да ги објават цените и да не откупуваат, туку навистина да тече откупот согласно предвидениот план и динамика и да се превземаат количини од производителите“, рече Трипуновски.

Од Министерството за земјоделство најавија дека деновиве ќе се интензивираат и контролите од инспекциските органи за да нема манипулации на терен.

Откупувачите уште еднаш го потенцираа ставот дека македонскиот домат ја губи конкурентноста на странските пазари и дека албанските прават проблеми со цените не само во земјава туку и во странство.

„На пазарите од поранешните југословенски републики каде извезуваме проблем ни прават албанските домати. Таму се последните берби од пролетната реколта и нормално е да ги спуштаат цените, а кај нас штотуку почнува берабата и сме далеку со квалитет, но сепак цената е пресудна. Веруваме дека со секнувањето на бербите во Албанија ќе се зголеми интересот за македонските домати чиј квалтиет е далеку подобар, но за жал тешко излегуваме на пазарите на ЕУ“, рече откупувачот Орце Петров.

Поради ниската откупна цена, производителите на домати вчера го блокираа центарот на Струмица. Блокираа и патни правци барајќи претставници од Владата да интервенираат за да производството не оди по багателни цени од 20 до 25 денари.