Пејачката и ТВ куварка Андријана Алачки ослободена од одговорност за прегазениот пешак на Рузвелтова

0
1524

Познатата фолк пејачка, Адријана Алачки, нема да одговара за сообраќајната несреќа од октомври минатата година кога со своето возило прегази пешак на улицата „Франклин Рузвелт“ во Скопје. Како што велат од Јавното обвинителство, нема да биде покрената постапка против неа затоа што било утврдено дека пешакот е виновен за настанатата сообраќајка. Во несреќата загина 76-годишно лице.

11287387_794741050621992_1083222209_n

Од ЈО денеска известија дека ја отфрлаат кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи.

„Во текот на постапката од страна на одбраната беа доставени две вештачења, согласно кои кај осомничената не постои вина за настанување на незгодата. Со цел правилно утврдување на фактичката состојба, од страна на Основното јавно обвинителство Скопје со наредба е наложено ново вештачење, согласно кое возачот не направил пропусти, а пешакот е тој кој има направено пропусти кои се причинско последично поврзани со настанување на незгодата. Од страна на оштетените – законски застапници на сега починатото лице, доставено беше вештачење кое по наодот и мислењето се разликуваше од другите вештачења“, велат од Основното јавно обвинителство.

Поради неусогласеноста на извештаите, ЈО издало наредба за уште едно вештачење до Бирото за судски вештачења.

„Согласно вештиот наод и мислење на тимот од вешти лица при Бирото за судски вештачења произлегува дека возачот во конкретната ситуација реагирал соодветно на дадената ситуација. Имено, во околностите кои се создале со неправилното и невнимателно преминување на пешакот преку коловозот надвор од пешачки премин, возачот немал техничка можност да ја избегне незгодата. Тимот од вешти лица констатира дека опасната ситуација ја создал пешакот, а возачот немал никаква техничка можност за избегнување на незгодата“, појаснуваат од таму.

Со добиеното вештачење од Бирото за судски вештачења, додаваат од Јавно обвинителство, се потврдиле наодите од предходните извештаи. Јавниот обвинител не поклонил верба на заклучоците дадени во вештиот наод и мислење доставен од оштетените, бидејќи истите, велат од ЈО, се спротивни со заклучоците на сите останати вешти лица.

„Со оглед на фактот дека возачот – осомниченото лице во целост постапило согласно сообраќајните правила и прописи, јавниот обвинител утврди дека во дејствијата на осомниченото лице нема елементи на кривично дело што се гони по службена должност“, завршуваат од ЈО во соопштението до медиуми.