Целта на киднапирањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска била да се изнудат пари од нејзината мајка, кажа денес министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Киднаперите претходната вечер биле информирани од страна на таткото на девојчето дека таа сама ќе оди на училиште, и кога ќе излезе од домот.Од информациите со кои располага ,,Фокус”, мајката на Вања, Зорица, работела во еден од провајдерите на телекомуникациски услуги. Сепак, во врска со парите до кои сакале да дојдат осомничените, од наши извори дознаваме дека станувало збор за поголема сума, односно наследство од страна на родителите на мајката на Вања.
-Дедото на Вања, односно таткото на Зорица, своевремено имал висока функција, бил директор, и на ќерката и оставил пет стана. Неофицијално, таа неодамна продала еден од становите за одредена сума на пари. Значи, не станува збор за да се дојде до пари од платата на мајката, или пак од нејзина евентуална заштеда од плата, туку се работи за поголема сума на пари, добиена од наследство- открива нашиот извор, кој е упатен во истрагата. Исто така, таткото постојано, континуирано покажувал афинитети кон наследството на мајката, појаснува нашиот извор.
Како што кажа денес министерот Спасовски, Вања била убиена со пиштол истиот ден кога била киднапирана, на 27-ми ноември. Убиецот ја убил исплашен од доказите до кои може да дојде полицијата на веќе започната истрага по пријавата.На 27-ми ноември, откако исчезна девојчето, а потоа по неколку часа мајката го објави апелот до јавноста за помош при пронаоѓање, на социјалните мрежи, ,,Фокус” првин го контакираше МВР, од каде го потврдија исчезнувањето, а потоа ја контактираше и мајката.На нашето прашање до мајката, на што се сомнева, таа веднаш одговори дека се сомнева како нејзината ќерка е киднапирана, бидејќи никогаш порано не се случило да не отиде на училиште, а семејството да не знае каде е.