Вечерва, во моментов, се одржува Кризен штаб во Општина Прилеп, предводен од началникот, Ирена Штерјоска Локвенец, на истиот заради големиот пожар што е активен во областа Мариво. Заради сериозноста на пожарот на кризниот штаб присуствуваше и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Во зависност од временските услови имало можност да бидат загрозени селата во близина, но, сепак, истите се обезбедувани од професионални пожарникари на ТППЕ Прилеп и од околните населени места, а на помош е планирано да дојдат пожарникари од ТППЕ од соседни и други општини во државата. Се бранат селата Бонче, Крушевица, Дуње, Пештани и Кален.
Од неделата тимови на ТППЕ Прилеп се на терен во таа област, а вчера и денес поради големиот чад гаснењето со воздушна поддршка беше отежнато. Исто така ангажирани се и сите материјално-технички средства на Јавните претпријатија од Општина Прилеп. Во координација со соседните општини и нивните противпожарни единици обезбедена е поддршка од Битола, Кавадарци, Новаци, Могила и Ресен, а се координира и помош од други општини.
Во текот на утрешниот ден повторно ќе се активира воздушна поддршка од АРМ и ДЗС, ќе има и поддршка од 120 лица од кои 70 од АРМ, 20 од специјалните единици на МВР и 30 од Национални шуми. Кризниот штаб ќе заседава и ќе биде во координација со единиците на терен сѐ додека пожарот не биде локализиран.