Правото на слобода на изразување, вклучително и слободата на информирање е камен темелник на секоја функционална демократија, обезбедувајќи им на граѓаните да имаат можност да се вклучат во јавната дебата и да учествуваат во процесите на донесување одлуки, истакна пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Петрушевска во своето обраќање во Парламентарното Собрание на Советот на Европа како новоименуван шеф на делегацијата за тековниот извештај за “Борбата со дезинформации во Европа“.
Таа посочи дека во последните години можеше да се види дека оваа слобода е под значителна закана.
„Пропагандата, без разлика дали преку традиционалните медиуми контролирани од државата или брзото ширење на дезинформации преку социјалните медиуми стана опасна алатка за манипулација со јавното мислење, дестабилизирање на демократиите и поткопување на човечкото достоинство. Овие практики ги загрозуваат самите основи на демократските системи. Сведоци сме на ова во руската агресија врз Украина, каде што медиумите се користеа како оружје за дезинформации и на домашно и на меѓународно ниво“, рече Петрушевска.
Таа посочи дека во Западен Балкан, вклучително во Македонија, пропагандата и дезинформациите станаа алатка за нанесување штета на политиката на проширување на Европската Унија и на европската интеграција на регионот.
Петрушевска додаде дека нашиот одговор и пристап во борбата против дезинформациите мора да бидат стратешки, за што и меѓународната соработка е од суштинско значење.
„Ниту една земја не може сама да се справи со проблемот на пропаганда и дезинформации. Соработката меѓу демократските нации, медиумите и граѓанското општество е од клучно значење за развој на најдобрите практики и зајакнување на отпорноста на нашите општества против овие закани. Како креатори на политики, нашата одговорност е да ја заштитиме слободата на изразување и да обезбедиме дека нашите граѓани имаат пристап до веродостојни, точни информации кои ќе го зачуваат интегритетот на демократијата и демократските вредности во кои веруваме“, истакна пратеничката Петрушевска.
Фејсбук статус на пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Марија Петрушевска, магистер по меѓународна политика и дипломатија.