ПЕТРОВСКА ОД СВЕЧЕНОСТА ЗА ДЕНОТ НА АРМИЈАТА : ТРИЕСЕТ ГОДИНИ ПОСВЕТЕНО ГИ ПОМЕСТУВАМЕ ГРАНИЦИТЕ НА НЕВОЗМОЖНОТО

0
724

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска се обрати на Централната свеченост по повод Денот на Армијата во касарната „Илинден“ во Скопје, фокусирајќи се на достигнувањата во триесет годишното постоење на Армијата, клучните одлуки донесени во овој изминат период, местото на Армијата во општеството како институција со најголема доверба, како и процесите на развој на одбраната, модернизацијата на Армијата и развојот и мотивацијата на сите армиски припадници и службеници во одбраната.


Во продолжение го пренесуваме целосниот говор на министерката Петровска на Централната свеченост за Денот на Армијата.

„Денес 18 ти Август одбележуваме триесет години и од формирањето на Армијата, нејзиното организациско поставување и делување со голема чест но и благодарност говорам за резултатите на сите изминати генерации – вработени, војници, офицери, подофицери, генерали, началници, Врховни команданти и Министри за одбрана.

На почетокот мора да се потсетиме на сите оние кои како припадници на Армијата ги дадоа своите животи за нашата земја.

Тоа е највисоката цена, што некој може да ја плати и ние сме им благодарни. Нека им е вечна славата!

Тоа не е форма, не е само реченица – тоа е реалност со вечна благодарност и спомен за нив.

Триесет години постоење е долг период во кој сите ние го паметиме како време во кое трудољубиво се поместувани границите на сопствените достигнувања.

Армијата на Република Северна Македонија била и останува носечки елемент во системот на национална безбедност и одбрана и дел од колективните системи за етаблирање и за развој на обраната, пробивот во меѓународната безбедност и реалните дострели.

Заслуженото место што денес Армијата го има дома и во НАТО Алијансата е постигнување за кое се имаат заложено многу поединци, поранешните Претседатели, Влади, Министри за одбрана, Началници на Генералштабот, старешини, војници и вработени.

Но, тoa не би било возможно, ниту пак доволно, без патриотизмот на тогашните први регрути и идеите и иницијативите на првите стратешини, без поддршката и плодната соработка со првиот состав на Собранието, Владата, Министерствата, Генералштабот, како и без добрaта интеракција со сите војници офицери и подофицери, за што денеска, и од тука ја изразувам мојата Благодарност.

Армијата е еден од столбовите и чувар на државниот суверенитет сиве години, секогаш кога за тоа има потреба, беше со граѓаните, но и во поддршка на институциите.

Нашата држава како и во сите други области и во безбедноста по три децении го заокружи процесот на формирање на безбедносната заедница според моделите на модерните европски држави.
На сите нас ни стои обврската, се што е постигнато во изминатите три децении да биде чувано и надополнувано со поголеми резултати, кои во иднина ќе сведочат за успесите на припадниците на Армијата со кои ќе се гордеат и следните генерации.

Република Северна Македонија денес има современ безбедносен систем оспособен да одговори на сложени безбедносни ризици. Систем кој постојано се модернизира и приспособува.

Нашата Армија докажа и покажа дека е достоинствен партнер во меѓународните мисии за што Република Северна Македонија стана земја за почит, го подобри нашиот углед кај земјите членки и на НАТО и на ЕУ.

Армијата се покажа на највисоко ниво на подготвеност и во сите елементарни и други непогоди, кои и се случија на оваа држава, се покажаа достоинствено во заштитата на нашите државни граници од 1990 година па се до примопредавање на должноста на полицијата.

Почитувани,

Пред 30 години првите луѓе на тогашното државно раководство, на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата го направија тоа што од нив се бараше. Ја формираа Армијата што многу и беше потребна на оваа држава. Тоа го направија со мудрост и без пролеана капка крв.

Тогаш а и денес не е битно дали Армијата е таа голема или мала, она што е важно дека таа е гарант за сигурноста на граѓаните, сигурноста за економскиот развој на државата и безбедноста на институциите и така тие знаат дека постои Армија што е нивен заштитник.

Формирањето на Армијата и нејзиното издигнување се поврзува и со фактичкото профункционирање на македонската независност. Таа се формираше во еден исклучително сложен амбиент кој се менуваше на дневна основа со високи амплитуди на промени. Македонската војска пред 30 години се градеше според тогашните политичко – воени состојби пред се на Балканот, потоа ни и спрема можностите и безбедносните потреби на земјата. Денес македонската Армија ги вградува стандардите на НАТО Алијансата и се гради според национални потреби и колективниот систем за одбрана.
Довербата и интегритетот на Армијата кај граѓаните за нас е “јавното добро” што грижливо и одговорно го чуваме, и правиме тоа да биде неисцрпливо. Модернизацијата, развојот на човечките и материјални капацитети, одржливоста, доброто управување и прецизната регулација, како и растечката и императивна цел за заштита на безбедноста и стабилноста, се суштински елементи за неопходното зајакнување на довербата.

Во таа насока, нашата агенда е јасен отсјај на целта кон која сме свртени, но и поттик за важноста од интегрирање на факторите во безбедносно одбранбениот систем. Силната корелација помеѓу безбедносните ризици и закани, состојбата во регионот и на европскиот континент, треба добро да се искористи.

Министерството за одбрана останува посветено во спроведувањето на сите мерки и активности кои се предвидени во Долгорочниот план за развој на одбранбените способности, но и Стратешкиот концепт на НАТО како и Концептот МКД Одбрана 2030.

Наша обврска е да останеме постојан и кредибилен партнер на НАТО, но пред се и над се со целосна отеченост пред граѓаните со цел да ја оправдаме највисоката доверба која ја имаме од нив како Армија бидејќи во неа нема место за партизација и тесни интереси на поединци, групи и било која политичка партија.
Во Армијата сите се под исто знаме!

Почитувани припадници на Армијата,
Денес е вашиот ден, но не само денес, за нас, за мене како министерка за одбрана, најважен е секој припадникот на Армијата и секој службеник во Министерството за одбрана.

Мотивацијата кај вработените значи и силна институција, подготвена да се справи со сите предизвици. Го вративме достоинството на „луѓето во униформа“ и ги направивме достојни за нивното место во општеството како лица во кои граѓаните имаат најголема доверба.

Денес го развиваме најважното – човечките капацитети во системот за одбраната!

Сите права кои досега ги добивте се заслужени тие не се изнудени затоа што без вас нема Армија и нема одбрана! И затоа и во иднина дијалогот со вас ќе продолжи за поголемо унапредување на вашата положба.

Вие продолжете да ја чувате државата, а ние посветено уште повеќе ќе се грижиме за сите вас!

Денот на Армијата ги обединува историјата на создавањето на Македонската државност.

ДА НИ Е ВЕЧНА АРМИЈАТА!

ДА ЖИВЕЕ РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА!“