ПЕТРОВСКА И КОВАЧКИ СЕ ,,СПУКАА” И ВО ПАРЛАМЕНТОТ : ЌЕ ЛЕЖИШ ВО ЗАТВОР, ТАА МУ ВРАТИ, НЕКОЈ ТЕ ЛИЗГА

0
400

Пратеникот Драган Ковачки и од собраниска говорница на седница за пратенички прашања ја прозва министерката за одбрана Славјанка Петровска и ја обвини дека има луксузна хациенда која е дивоградба, а таа му возврати дека покажува лажен документ, презентираше, како што тврди, официјални документи и му најави тужба за клевета и навреда. Ковачки од говорницата мавташе со фотографии и документи, тврдејќи дека има имотен лист на нејзино име и ја обвини дека истиот не го пријавила во анкетниот лист во Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).

„Во 2007 година парцелата која неколку пати ја вадевме на прес-конференција и прашувавме за неа, која неспорно била во сопственост на Петровска, нема никаква градба. Во 2009 година на таа парцела гледате дека има куќа бесправно изградена. Веднаш после тоа на самото место излегуваат службеници од катастарот и прават увид и ги запишуваат имотот на име на почитуваната министерка Петровска. Викаат во тој период да целата таа градежно техничка и проектна документација да ја поднесе кај надлежните органи со цел да го легализира објектот што го има изградено. Тоа не се случува, во 2012 продолжува со дивоградбата и гледаме дека тука веќе е изграден базен. Во 2016 година, тоа е последната година кога е доградувано, гледаме дека дополнително е изграден уште еден објект на местото на почитуваната министерка“,рече Ковачки.

Тој вели дека во јавноста излегле и спротивставени информации, односно дека министерката на прес-конференција тврдела дека го продала земјиштето пред десетина години, а потоа директорот на Катастар кажал дека имотот неспорно до 2020 година бил во сопственост на Петровска. „Значи Петровска вика пред десетина години го продала, директорот вика до 2020 било во нејзината сопственост, а податоците од Катастарот односно имотниот лист вика дека сè уште е во владение на Петровска“,рече пратеникот до ВМРО-ДПМНЕ. Тој покажа и сметка за вода тврдејќи дека е за истиот имот и е на име на таткото на министерката и ја праша дали тоа е адресата и во нејзината лична карта. Петровска, пак, му рече дека не му се точни документите и некој сака „многу јако да го излизга“.

„Мислев дека после фијаското што го доживеавте со соочување на аргументите на нашето ТВ соочување дека ќе се повлечете. Ако ништо друго, ќе си ги проверите документите со кои некои очигледно дека некој сака, и тоа многу јако, да ве излизга. Овде ги имам сите документи, сите договори последователно од првиот ден до денес кои се водат на име на тој имот. Кога ова ќе го видите, а ова ќе дојде до вас затоа што тоа ќе биде дел од тужбата која веќе ја спремив и ќе ви биде поднесена за навреда и клевета, има рок од три месеци за одговор. И ќе ви требаат уште толку за да ги анализирате сите овие официјални документи, вклучително и оваа мапа и овој имотен лист кој за разлика од лажниот документ кој вие го поднесовте, а е евиденционен лист и не е јавна исправа, туку имотниот лист е јавна исправа. Ќе ви го каже тоа адвокатот кој ќе ги го ангажирате за оваа тужба“,рече Петровска.Адресата од сметката за вода што ја покажал Ковачки, тврди министерката, не соодветствува со адресата на хациендата за која ја обвинуваат.

„Ќе треба да се извините и на семејството кое е совесен и чесен сопственик на имотот, кое ја има изградено. Тоа е ваша одговорност, јас сум изненадена од ова ваше однесување. Во тужбата се наведени сите докази и апсолутно немам ништо против тој судски процес да го следи и јавноста. Сметав дека денеска ќе поставите многу посуштински прашања кон мене како министерка за одбрана, кои се однесуваат на плановите на нашата Армија за следната година и Министерството за одбрана. Ама не може да поставите затоа што вие бевте дел од една армија во време кога во државата повеќе се инвестираше за споменици и гипс картони отколку за Армијата. И до ден денес немате честитано за ниту еден успех на Армијата. И после ова ваше грубо манипулирање на јавноста јасно ми е зошто избегавте од армијата, затоа што се плашите да се соочите со успесите на македонската армија“,рече Петровска.
Ковачки, пак, потоа кратко реплицираше со тоа што остана на неговите тврдења и ѝ порача на министерката дека за дивоградбата треба да лежи в затвор. „Фактите говорат сами за себе. Министерката за одбрана бега од фактите и не ја пријавила луксузната хациенда со базен додека е на функција само затоа што таа е дивоградба односно бидејќи за тоа дејание согласно член 244 а треба да лежи затвор од три до осум години“,беше дел од репликата на Ковачки.