ПЕТРОВСКА БАРА 10.000 ЕВРА ОД КОВАЧКИ ЗАТОА ШТО ПСИХИЧКИ ЈА ВОЗНЕМИРИЛ

0
375

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, бара отштета во износ од 10.000 евра од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, за тврдењата дека поседува хациенда во Радишани, вели за „Фокус“ пратеникот. Министерката навела во тужбата дека била силно вознемирена поради обвинувањата, а ова го поткрепила со психијатриско вештачење.Ова вештачење Ковачки го презентираше денеска од собраниска говорница. Во него, како што рече пратеникот, стои дека министерката е веќе неколку месеци под седативи.

-Конкретно на министерката за одбрана согласно извештајот од психијатарот, цитирам: и се тресат рацете, не може да задржи мисла, има намалено внимание и концентрација, проблеми во мислењето, збунета е и конфузна. Има намалена волја, непријатни мисли и мора да вложува дополнителни напори да ги извршува истите работи што претходно ги извршувала – изјави тој на седницата за пратенички прашања.

Ковачки потенцираше дека според извештајот, министерката чувствува бесцелност на нејзината активност и залагања и вели 3 месеци има повторувачки слики, опседната е, постојано е напната, често има немир, често има нарушен сон и инхибиција. Тој го праша премиерот дали не треба поради ова да ја разреши министерката.За „Фокус“ тој додава дека кога е лице под седативи не е препорачливо ни возило да управува, а камоли, како што вели, да го води Министерството за одбрана.

-Во даден момент може да се случи нешто. На пример Трамп и Бајден ги објавија своите здравствени картони уште пред почетокот на кампањата. Тоа е од јавен интерес. Јавните функционери мораат да бидат подложни на јавна критика – посочува тој.
Обвинувањата за кои Петровска поднела тужба се дека наводно поседува луксузна хациенда во Радишани. Министерката ги негираше овие тврдења и рече дека имотот кој што го поседува во Радишани е до парцелата на која се наоѓа хациенда. Таа најави тужба против Ковачки и за обвинувањата дека во Косово биле уапсени припадници на военото разузнавање, кои, наводно, таа ги испратила.

Од собраниската говорница таа денеска му порача на Ковачки дека ќе се видат на суд.
-Тоа што го читавте е извадок од вештачењето и се однесува на моето однесување за вашата бескрупулозна лага што ја изнесовте пред неколку месеци. Причината за вашиот бес и немоќ да се справите со тужбата е тоа што всушност ве натера да излезете на говорница и да го читате тоа. За тоа што пишува во тоа вештачење и што го предизвикало таквото мое однесување, ќе се видиме наскоро на суд – рече министерката.